Ана Бунтеска: На мајка ми
Се фаќам себеси
Како на тебе наликувам
Во мислата и говорот
Во грижата за сите околу себе
Без да помислам јас што сакам
Или што мене ми треба
Се фаќам себеси
Како со леснотија го изговарам
Се’ она што сум рекла
Дека нема да го кажам
И гледам како ќерка ми туфка и офка
Велејќи ми дека сум иста како баба
Се фаќам себеси
Како ликот твој во мојот го наоѓам
Усните, очите
Па дури и истите брчки ги имам
Како огледалото да е твоја слика
Во кој мојот одраз станува НИЕ
Се фаќам себеси
Како секој ден со горнион се пазарам
За да ми траеш, за да ми траете
Оти дур нечие дете си
Животот те гали со милост
И друго азно не ти треба
Се фаќам себеси
Како се’ јасно ми станува
Од ноќи неспани
До мисли за кои старите велат
“не дај боже да се случи она што мајка ќе помисли”
Та сега знам оти животот тркало е
Се фаќам себеси
Како во рацеве се загледувам
И не знам дал твои или мои се
И дали топлината од стисокот
Детево мое ја сеќава онака
Како што јас твојата во себе ја носам
Се фаќам себеси
Како секој твој роденден
Се’ поскапоцен ми станува
И како душава распена ми е
Кога на трпеза уште сме сите тука
Сите на број, без празна столица
Се фаќам себеси
Со тивка благодарност во срцево
За тебе
За вас двајца
За љубовта која сте ми ја дале
За љубовта која сте ни ја дале
(среќен роденден МАМО, нека е за многу години денот твој)
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска