Ана Бунтеска: На платно
На платно ме размачкуваш,
расфрлаш бои по белината,
со пурпурни дланки градите ми ги обликуваш,
со сина тага рамената ми ги допираш,
со крваво црвена искривен насмев ми ставаш,
а со бледо портокалова, тагата во ќошот од усните ми ја боиш,
очите во зелено ми ги топиш,
а со црна длабочина зениците ми ги галиш.
Врз мене бои истураш,
ме обојуваш во својата тага,
со своите немири ме исцртуваш
со лепливи прсти ровариш по мојата кожа,
по сите скриени ќошиња допири ми оставаш,
небаре ме жигосуваш,
небаре боејќи ме живот ми даваш,
дур ме гребе секое поминување со четката.
Ме мирисаш,.
ти го чувствувам здивот,
пулсот,
секој трепет,
бојата со солзи ја раствораш,
мои, твои, наши,
измешани таги и болки,
ја проголтувам секоја неисплакана желба по тебе.
Знам,
ме љубиш,
доволно силно за да ме разнесеш на делови,
илјадници платна од мене да сториш,
доволно силно да ти го носам мирисот,
всаден во порите,
твојата слуз, пот, семе,
твоето ТИ во мене вкоренето за навек.
А ти,
на платно ме размачкуваш,
во бои ме претопуваш,
од срцево црвената ми ја одземаш,
а белината од душава во црно ја премачкуваш,
на платно ме обљубуваш,
во платно ме завиткуваш
и заедно со него ме закопуваш.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска