Ана Бунтеска: На полна месечина
Ми растат песјаци,
остри и долги,
непцето од нив ме боли, напукнува,
чувствувам како ми крцка внатре во устата...
Ги оближувам со јазикот,
мазни се, со леплив и метален вкус на крв
и сирово месо од усниве,
кои ги нагризувам дур пишувам...
Ми растат песјаци секоја ноќ,
напоени со твојата слуз,
нахранети со љубовни стихови,
зариени во дамнешни спомени.
Ми расте троскот на градите,
во душата корени пуштил,
меѓу ребрата ми се заплеткал,
матката со отрови ми ја обвил...
Уште ме боли кожата,
свежи лузни носам од последното чистење,
кога со нокти корнев тревишта,
коров и коски дур фрлав од совеста...
Ми расте троскот со секој земен здив,
раскопува до трулеж,
до мозокот корените му се стасани,
еден ден и јас во троскот ќе се сторам.
Ме гребе грлото често,
отворам уста да го прочистам поткашлувајќи
и наеднаш, наместо да кашлам-завивам,
долго и болно, со ехо во мислите...
Ми се случува нешто чудно со телово,
се шири и стеснува,
или пак умот со мене се подбива,
но знам, телово како туѓо да е...
Ме фаќа страв,
се плашам да се допрам,
да се погледнам,
се плашам од ликот кој ќе го видам, формата која ќе ја напипам...
Секоја полна месечина ја слекувам кожата,
правам мал засек со ноктот кај челото
и како по наредба сама, без да трепнам паѓа,
собирајќи се како тешка ткаенина околу глуждовите...
Исчекорувам од неа,
исчекорувам и од себе,
со оголени песјаци и во корени од троскот завиена,
гладна и жедна за душа исчистена од гревови...
Секоја полна месечина по тебе завивам,
се предавам и пред нозе покорно ти легнувам,
телово ти го постилам и на раце ти умирам,
секоја полна месечина од мене само прашина на дланки ти останува.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска