Ана Бунтеска: На железно синџирче душава врзана

Добивај вести на Viber

Душава на синџирче ја држам

да не забега некаде

и затегам

како добро издресирано милениче

до нозеве да ми стои

а колку повеќе ја влечам

се’ помалку ја чувствувам

и немам страв

ниту бес

само тешка помирливост

дека и овој ден го губам

а со секој здив останува помалку време

и желба за да се разбудам следното утро

со железно синџирче

и мојата душа на него врзана

со железен вкус во устата

и железни крила на плешкиве

молчам

со главата нурната долу

немам повеќе што да кажам

а и она што имав

веќе ми се гледа бесмислено

овој ноември

мојот ноември

никогаш досега не мирисал вака

на толку многу тага

и пораз

и никогаш посолен не бил

со тажна слика

од црвенокоса жена

висока и тенка

со очи кои не се креваат од земја

и која во раката синџирче стега

а зад неа

како одамна умрено милениче

душата и’ се влече


За Женски Магазин, Ана Бунтеска