Ана Бунтеска: Надве
Ме подели надве
како со нож пресечено јаболко
како дрво исцепено
за напуштено огниште
душава надве ми ја раздели
едната половина која ти се радува
другата која од тебе да избега сака
а срцево
ете и тоа надве ми е
од едната страна страст клокоти
а болка од другата
низ вениве што струи
мисливе покосени ми се
собрани во китки две
оние среќните како на дете
и оние полни „стоп“.
Војна во мене
полна жртви
страв
сомнежи и желби
надеж и каење
ти и јас
ден и ноќ
црно и бело
а во црното напипувам
дур во белото сум изгубена
како без цел
во лавиринт лутам
и не знам кој пат да го фатам
а на истото место
кај тебе се враќам
и дур усниве ми се извиваат
во плач или насмев, сеедно
од едното око љубовта за тебе ми сјае
а во другото солза
за мене, за мене.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска