Ана Бунтеска: Најди ми име
Стави ми име
ете, измисли ми некое
некое кое прилега на мене
или да бидам попрецизна,
име кое со сласт ќе го изговориш
онака како што ги зариваш забите
во мојата кревка душа.
Ајде,
те предизвикувам со поглед
за кој сакам да верувам дека те мами,
и доволен предизвик ќе ти биде
за име да ми измислиш
некое кое никогаш досега не било мое
и кое совршено во оваа приказна ќе се вклопи
во мојата страст кон тебе ќе се слее
токму онака како што умов во твојот слеан е
та на секое надмудрување
ми пулсира матката по тебе
и зенициве ми се шират
додека оргазмично ти ги ловам зборовите.
Најди ми име
измисли некое кое втора кожа ќе ми биде
со кое безбедна и од себе ќе бидам
со ширум отворени очи и раце
име со кое ќе те сместам во себе
како ненаситна љубовница во утробата
саканиот што го гали
која во грч нозете ги стиска
околу половината на својот маж.
Најди име
такво со кое ниту една жена не си нарекол
и викни по мене
викни ме тогаш кога светот ми се руши
и кога не знам кој пат да го фатам
име по кое ќе знам на себе да се вратам
и со кое мирот ќе си го најдам,
најди ми,
Најди ми ја љубовта во неколку букви
од кои име ќе ми исплетеш
и кое ќе е само мое
мое
токму онака како што јас
твоја сум.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска