Ана Бунтеска: Налет денов што низ прстиве се рони

Добивај вести на Viber

Налет да е денот

Кој тешко врви

Откако на сон ќе ми дојдеш

И ко гостин досаден

Без усул ќе заседнеш

Налет утрото после таквата ноќ

Кога очи едвај отворам

И сета сила во коскиве што ја имам

Во едно вдишување ми бега

И усните ги стискам до белеење

За да не офнам кога од кревет станувам

Налет да се саатите кои ко векови ми се

Откако тебе ќе те сонам

И на сон се’ што ме мачи ќе си кажам

А ти само молчиш и ми се пулиш

Поднасмеан и со милост во очите

Ко да не сум ти ја прегазила душата

И ти ко мојата како да не си ја изрешетал

Налет денот после сон

Во кој силно ме стискаш

И полека ме слекуваш

И уште пополека во мене влегуваш

Та името ми го шепотиш

А мене пак прстиве ме болат

И ноктите што во твојот грб ги заривам

Како на јаве што ме боли

Дур со забиве месо до крв си прегризувам

Налет денот кој без ноќ ме остава

После сон во кој пак едно сме

Како време да не минало

И како да не сме подостареле

Глумејќи дека сме се заборавиле

И дека нешто ново сме научиле

И налет бес и суета горчлива

И се’ во мајчината нека оди

Кога те немам

И кога ме немаш

И ѓаолот по ѓаолите нека оди

Што сеир ни фаќа оти улај сме

И еден без друг гувееме

Како сеедно да ти е

Како сеедно да ми е

Налет и денот

Налет и ноќта полна мириси наши

И животот во кој разумов

По срцево со камшик удира

Ко да не боли исто и со тебе и без тебе

Налет и овој ден што низ прстиве ми се рони

И ноќта со страв што ја чекам

Да ми дојдиш

За на себе да си дојдам

Налет се’ 

Кога можеше до мене да бидеш

А јас крај тебе да си молчам

И за рака силно да ме држиш

Првото видело наутро да ми бидеш

И можеше збор да си ми

А од зборот нов стих да се роди

Ама налет...налет...налет


За Женски Магазин, Ана Бунтеска