Ана Бунтеска: Не ќе те чекам довека

Добивај вести на Viber

Не ќе те чекам довека

еве, можеби уште малку

колку што годинава е на залез

уште некој месец од прстиве да се лизне

оти после ликот ист нема да ми е

очите ќе ми свенат

и кругови темни околу нив ќе носам

а усните надолу ќе се свијат

со кармин кој во порите ќе се втрие

ниту косава иста ќе ми е

ќе обели, ќе се истенчи

како искината пајажина

во скриен ќош од нечии спомени

не

не ќе те чекам довека

не ќе оставам години да ме одминат

и староста со мене мајтап да тера

ниту пак смртта ќе ја оставам мат да ми даде

и со мене како со дете да си поигра

та купишта коски од мене да останат

а на нив свилена руба

долга до земја и црвена како крв

за тебе...слушаш ли?

за тебе со љубов облечена

тогаш кога се бендисавме

со само еден поглед кога се ќердосавме

и кога сакав убава да ти бидам

во некои дамнешни времиња

не ќе те чекам довека

ниту пак ти кај мене ќе побрзаш

како осудени на слепило

ти да се губиш на патот до мене

а јас да те барам со поглед во грешен правец

како да не’ проколнал некој

како од рајот избркани

грб со грб свртени се бараме

за да не се најдеме

па или ти по патот друга љубов ќе најдеш

или јас од мојата за тебе ќе се откажам

оти долг е животот кога пилето в гради не пее

и кафезот во кој ти седи веќе е претесен

прости ми...не ќе те чекам довека

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска