Ана Бунтеска: Не кревај рака
Не кревај рака
Никому и никогаш рака да не креваш
Освен ако сакаш да погалиш
Да тргнеш перче коса од нечие лице
Или трепка заталкана по мек образ
Да избришеш солза со милост
И да стисниш дланка за без збор
Да кажиш дека тука си
Не кревај рака
Никому рака да не крениш
За да оставиш печат црвен од бол и срам
И страв да внесиш во нечии очи
Оти никој на овој свет дојден не е
За тепан да биди со збор или рака
Да му биди душата навредена
И телото повредено
Та да си носи модро однатре и однадвор
И никојпат да не можи да се залечи
Оти исто боли кога душата завива
И телото кога се згрчува
Исто боли кога чоек пресечен од збор ќе е
Или кога удар врз него ќе падни
Не кревај рака
На ниту едно живо суштество
Лошо не прави
Оти гревот од нечиј згаснат насмев
Ќе ти се залепи за сенката
Та ко карма со себе тој грев ќе си го носиш
И на поколенија ќе го оставиш
Рака не кревај, немој
Та дал е животинче
Дал е дете, жена ил маж
Сеедно е, оти душа е
Оти секој кој роден бил
И вдишал на овој свет
Е тука за биде љубен и чуван
И никој право нема
Воздухот да му го земи
Ниту глата наведната да му ја држи
Ниту право има
Од неговата несреќа да се храни
И од болката да се пои
Оти нема маж кој маж ќе остани
Ако рака на жена и дете крени
И нема жена која жена за почит ќе биди
Ако рака на маж и дете крени
И нема дете
Од кое арен чоек нема да стани
Ако од двете страни столбови има
Кои никојпат рака еден на друг не кренале
И кои зборот го мерат
И кротки во погледот се
Нема дете кое не ќе заучи
Пред милост да се поклони
И пред туѓ живот на колена да падни
Ако е учено и заучено рака да крени
Само тогаш кога ќе гали
Кога некому ќе помогни да стани
И со двете раце љубов да дари
За Женски Магазин, Ана Бунтеска