Ана Бунтеска: „не мрчи Ано, од љубов е“

Добивај вести на Viber

сакам да ми пишеш

од нигде никаде

и да ми кажеш да сум готова за кратко

за некои смешни 15 минути

и кога ќе те прашам како да се облечам

да ми го изрецитираш Тагоре

„каква

и да си дојди, не колебај се при облекувањето“

па од брзање да си ја размачкам маскарата

(тоа е она на трепките што се става, памтиш?)

и таква да ти слезам долу пред зграда

задишана

и бушава

а ти да ме гледаш

к’о да сум супермодел

а не само една обична Ана

и да ме стиснеш толку силно

што ќе ме заболи вратот

и пред да изустам збор да се насмееш

и да ми речеш

„не мрчи Ано, од љубов е“

да ме однесеш во Дебар маало

на вино во Сокаче

да се гледаме

к’о да сме сами на светов

а потем да шетаме некаде

по улици

за рака фатени

испијанети од хемија

а срцата да ги рушат сите закони на медицината

сакам да ме љубиш до изгрејсонце

дур’ лицето со врв на прстот ти го галам

и да тераме муабети на кои нема да се сеќаваме

ама ќе си го памтиме сјајот во очи

32 33

и вкусот на бакнежите

до сабајлината да одиме

дур’ нозе не ни капнат

и на дневно светло љубов да водиме

испреплетени

еден во друг вдишани

ма кој се секира што е сабота

и дали комшиите ќе нѐ чујат

и дур’ ме стискаш силно

како да сакаш во себе да ме внесеш

да се кикотиш дур’ здив земам

и да ми речеш

„не мрчи Ано, од љубов е“


За Женски Магазин, Ана Бунтеска