Ана Бунтеска: Не прашувај за мене
Абер сторен ми беше
Дека за мене си прашал
Демек истата дали сум
И дали арна сум била
А мене само низ умот ми се врти
Онаа народната која вели
Чоек да седи мадро за да не носи модро
Оти на душа модрото не минува
Ниту бојата ја менува
Та ми се чини
Оти мојава во сите нијанси на модро
Како измешано мастило се прелева
Ама пусто нешто во мене ѕенѕа
Ете, само си бара да ти кажам
Оти после години минати добро сум
Скоро иста каква што ме паметиш
Само што сега почесто косата ја бојосувам
И подолго ми треба
Изутрина младоста на лице да ја вратам
Се’ е исто
Или приближно исто
Како некогаш што бев
И каква што низ спомени ти шетам
Само што со умов мака си имам
И некојпат врти онаму
Место кај што ич не му е
Па го ишкам за да замине подалеку од тебе
Го мамам назад да ми се врати
И минатото на раат да го остави
Ете, некојпат
(За среќа не многу често)
Знаеш низ сон да ми прошеташ
И душава следниот ден ко стапната ми е
Дур не сонам нешто друго
Или некој кој не си ти
Налет и соништата да бидат
Туку...
Абер добив дека за мене си прашал
Иако јас за тебе секој ден прашувам
Ама во себе и никако гласно
За ниту и сама себе да се чујам
Па еве само сакав да знаеш
Дека добро е...добро е
Одамна станало некако рамно
Не оди угоре ниту удолу
Не се кикотам
Ама не ни плачам
Не сум тажна
Ама не сум ниту среќна
И добро ми е
Оти ниту за в небо сум
Ниту в земја ме бери
Заглавена меѓу два света
Од една дамнешна љубов
И сегашна рамнодушност
Па сакав еве само збор-два со тебе да скршам
И да те замолам
Онака кротко и тивко, а можеби и малку уморно
Не прашувај повеќе
Не прашувај за мене
За Женски Магазин, Ана Бунтеска