Ана Бунтеска: Небаре по срцето ќе можеш повторно да го најдеш
Кога знаеш дека не е твој
и дека ти негова не си
а во некој паралелен универзум
умовите ви танцуваат
и телата љубов ви водат
душите сплотени ви се
онаму кај што едната завршува
другата почнува
но знаеш
ете знаеш дека твој нема да е
и дека ти негова нема да бидеш
и се измачувате со љубов
одите и се враќата
поболувате еден за друг
поболувате еден од друг
од желба
од копнеж
а знаеш дека сте си судени
ама не во овој живот
па ете храбра си
и полека коските кај градите
како суви гранки ги кршиш
и колку е болката поголема
толку посилно очите ти светат
и насмевката поширока ти е
и кршиш
како туѓо да е
и со најголема нежност му велиш
“излези пиле...излези
овој кафез не е за тебе...излези”
потем го гледаш како си оди
го гледаш со љубов
онаа за која ете
човек и да умре би можел
оти си нанесуваш бол токму заради неа
љубовта
и го гледаш како си заминува
со срцето твое силно стиснато во рака
а тебе без него и нема што да ти треба
и стоиш така дур нозете те крепат
дур не исчезне
дур само капки крв од срцето твое не останат
како траги
како патоказ
небаре по срцето
ќе можеш и него повторно да го најдеш
За Женски Магазин, Ана Бунтеска