Ана Бунтеска: Некогаш и секогаш
Некогаш се гледам во ќерка ми
Како во огледало да се џарам
Некогаш неа во мене ја пресликувам
Па повторно дете станувам
Некогаш не знам која сум
Како да живее некој друг во телово
Некогаш до бол за себе свесна сум
И знам дека од оваа кожа бегање нема
Некогаш заседнувам на жешкото сонце
Од кое најчесто се кријам
Некогаш не го поднесувам студот на зимата
Со која од раѓање во љубов сме
Некогаш облекувам високи потпетици
За да се присетам на жената во мене
Некогаш ги соблекувам сите стравови
За да зачекорам во нов правец
Некогаш го бојосувам лицето во среќа
И темни очила ставам...оти стаклата не лажат
Некогаш се честам со по некоја солза
За која велам дека е од зрно прашина
Некогаш само молчам како занемена
Додека не почне да ми зуе во главава
Некогаш дрдорам како навиена
Како одвишок зборови во мене да се собрале
Некогаш те мислам
И не е баш дека сеедно ми е
Некогаш те ишкам од мислите
Како досадна мува која застанува на работ од чинијата
Некогаш знам сама со себе во мир да сум
Подобро од било кога досега
Некогаш тишината во мене вреска
Та не знам на која страна џенем да фатам
Некогаш утрата се ведри и полни смеа
Како убавите соништа нарачани да биле
Некогаш телово ко олово ми тежи
И немоќна сум да се мрднам од постела
Некогаш и понекогаш вака е...или онака
Арно знае да биде
И лошо знае да навјаса
Некогаш и понекогаш
Сама во себе молитва си шепнувам
За умот да ме служи та ќе се турка некако
Вака или онака
Некогаш и понекогаш
Се’ бива и секако бива
Само чоек да не се предава
И бело знаме пред себе да не крева
Главата горе да ја држи
Без оглед колку душата му тежи
И да знае, да има на дикат
Оти во секое некогаш и понекогаш
Секогаш надеж има
За Женски Магазин, Ана Бунтеска