Ана Бунтеска: Некои љубови

Добивај вести на Viber

Не секоја љубов завршува

Со нечие заминување

Или кажување збогум

И не секоја љубов има точка зад себе

Или е со разделба на двајца

Ете...

Некои љубови завршуваат

Без еден да се спакува

И по свој пат да си тргне

Туку инаетливо остануваат заедно

Во тишина која е густа како магла

И која ниту со нож не се сече

Та она што било меѓу нив

Е како стакло на трпезариска маса

Насреде напукнато со линија

Која е грд и тивок потсетник

Дека одамна ништо не е како што треба

Ама никако да стане толку длабока

За да се распрска на сите страни

Во онолку парчиња

Колку што скршени им се срцата

Некои љубови се како стакло напукнато

Озгора покриено со чаршав од густ вез

За да не се гледа

За да не го гледаш

И за да не се џарам во него

Туку избегнуваме да седиме на масата

За ниту еден од нас да не изуми

И случајно да не се навали врз неа

Та да ни отиде илузијата јабана

Некои љубови се пораз кој не се признава

Додека не остане само празнина

На бојно поле полно жртви

Па се правиме слепи и глуви

Додека однатре сѐ ни вреска

Дека не е ова тоа

За кое си дадовме збор дека ќе го чуваме

И дека ќе биде додека смртта не нѐ раздели

И еве ме до тебе

Болно свесна дека те љубам

Болно свесна дека те губам

Болно свесен дека ме љубиш

Болно свесен дека ме губиш

Болно свесни дека се љубиме

Болно свесни дека се губиме еден со друг

Оти ете

Има некои такви љубови

Кои никако да завршат

А кои згаснале одамна

Уште додека двајца заедно се

И глумат дека ќе мине

Како нељубовта болест да е

За која иљач има

Ако и’ оставиме време да зацели

Или ако се напиеме топол чај

Има некои такви љубови

За кои душата не ти дава да ги оставиш

Дури и тогаш кога со нив умираш

За Женски Магазин, Ана Бунтеска