Ана Бунтеска: Од душа сеќавање откорнато

Добивај вести на Viber

Од душа сеќавање откорнато

За денот во кој тука се

Толку живи и опипливи

Како утрото со нив да почнува

А животот без нив не завршува

И сенките нивни во нашите спијат

На милите кои пепел се сториле

Ама спомените во срцата ни векуваат

Со ниет и после нас да постојат

Од душата по едно сеќавање вадиме

На гласот кој не го слушаме

Ама зборовите не им ги забораваме

Мирисот кој на спокој потсетува

И во кој утеха си бараме

Та им ја ловиме смеата во воздухот

Небаре до овој миг шеги сме си кажувале

На работ меѓу очи полни солзи

И усни од кои молитви се редат

Од душа сеќавање откорнато

На сите оние кои преку нас уште дишат

Иако одамна здивот им замрел

Ама ете

Аманет оставен бил да ги паметиме

И во секој спомен по една жица да растегнеме

Меѓу овој и оној свет

Меѓу нив и нас

Меѓу минатото и иднината

Од душата по едно сеќавање вадиме

Секој ден, како од бунар вода

И жедта никојпат за нив не згаснува

Ниту болката која прикриено клука

Со ронка радост дека некогаш сме ги имале

Со надеж дека еден ден повторно ќе се сретнеме

По еден лаф муабет да истераме

И чаша вино да се напиеме

За душа, за спомен, за задушница


За Женски Магазин, Ана Бунтеска