Ана Бунтеска: Од нигде никаде

Добивај вести на Viber

Се засакуваат луѓе

Од нигде никаде

Еден поглед е доволен

Допир или глас

И во утробата вулкан

А мислите жешка лава

И исти се, ама и не се

Во огледалото ликот е тој

Ама поинаку засветува опулот

И лесни се ѓоамити од воздух напраени

Та ти се чини оти лебдат кога чекорат

Ете така се случува

Двајца да си се капарисаат

Од нигде никаде

И љубовта да им трае чиниш векови

Како од некој претходен живот да почнала

И во овој само да продолжила

Та се разбираат без да проговорат

И телата ко магнет им се лепат едно за друго

Ништо не може да ги одвои

Оти рацете испреплетени им се

А од двете срца, едно ќе се стори

Со невидливи конци душите врзани една за друга им се

Таквите љубови ретки се

Во кои од нигде никаде 

Годината, ден станува

А денот во секунди се брои

Ниту ветришта, ниту дождови им можат нешто

Ниту караници ќе ги поколебаат

Оти меѓу нив сила има

Која немерлива со земски мерки е

Та ќе ги видиш насмеани и среќни

А веќе побелени во косите и со внуци до нив

Но љубовта млада им останала

Чунки вистинската љубов никојпат не старее

И има луѓе

Ете и кај нив биднала судба

Да се сретнат и вљубат

И од нигде никаде да се разделат

Иако како грнче и капаче биле

Та не се знае каде едниот почнува

А каде другиот завршува

Ама не додржале рака в рака да си умрат

Оставиле провев меѓу нив од кој сакачката реума фатила

И секој по својот пат си заминал

Некој со горчина во устата

Некој со празнина во умот

Некој со олеснување

Некој со пцости и клетви исплукани

Та сега се мислам оти ние судба уба немавме

Та да бидиме ко овие првиве

Век за навек да си имавме

Ама си се тешам оти секое лошо за арно ќе биди

И дека имало зошто еден од друг да си заминиме

Ете така

Без причина

Од нигде никаде

Од никаде нигде да стасаме


За Женски Магазин, Ана Бунтеска