Ана Бунтеска: Онаму

Добивај вести на Viber

Онаму каде што те најдов,


ете таму ќе те оставам,


без каење за се’ што со тебе посакав,


без ниту една тешка и лоша мисла,


само ќе си заминам,


исто толку тивко, како што се појавив.



Сета љубов како грев што ја носам,


во себе ќе ја запретам,


молкум ќе ја погалам ,


ќе ја утешам и успијам,


за навек ќе ја замолчам,


а со неа и јас ќе занемам.



Сите чувства низ прсти ќе ги издробам,


спроти ветрот ќе ги расфрлам,


за последен пат низ лице да ги сетам,


можеби и солза-две ќе пуштам,


никој да не види, дури ниту јас,


како лицево ќе ми го избраздат.



Онаму каде што ме најде,


таму, токму таму остави ме,


без каење, без враќање,


без вртење и кревање на раката за збогум,


збогувањата никогаш не сум ги сакала,


дури ниту тогаш кога умира надежта.



Како дете за рака земи ме,


онаму каде што ме најде врати ме,


остави ме и не се плаши за мене,


јас и онака не стравувам да сум сама,


и не, не се врти,


оти веќе ќе сум замината.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска