Ана Бунтеска: Приспивна
Те чувствувам, присуството ти го мирисам,
здивот кој се меша со ветрот што ми лази по кожа,
танцувам со тебе секој ден, а во ноќите те заведувам,
како љубовник ти давам да ме допреш и ти бегам,
дур оголените песјаци ти светат по моето месо.
Одамна те чувствувам, одамна ја играме оваа игра,
ми ветуваш мир и спокој, вечен живот вон телово,
а јас се правам дека ти верувам и ти се приближувам,
доволно блиску за се подушкаме една со друга,
за потем да се вратам во мојот безбеден свет.
Наутро дури се чешлам пред огледало ликот ти го назирам,
ми се претопуваш во зелено и црвено, небаре мој лик имаш,
а убава си, привлечна со својата црна бездна,
та телово ми се лепи за тебе дур во главава ми трешти музика
и тогаш мака имам да се потсетам зошто уште не ми е времето дојдено.
И во ноќите кога пулсира телото на мојот сакан во мене,
во косата прстите ви се испреплетуваат, неговите топли, а твоите полни мраз,
ете тогаш ме фаќа претчувство дека тоа е моментот кога ќе надвладееш,
а тој како да знае, па грубо ми ја влече гривава кон себе,
Не! Како да ми вреска во умов...сега не!
Те чувствувам, одамна во мене преспиваш,
те намирисувам со сета убост и гнилост,
и ме влечеш, проклета да си, кон себе ме влечеш,
а јас, стуткана до телото кое пулсира во ритамот на љубовта,
се успокојувам и покорувам на неговата милост.
И не ти се плашам, никогаш страв од тебе немав,
оти една од друга да избегаме не ни се дава, но сега ти велам НЕ,
и ете, затоа со приспивна нежно како доенче ќе те успијам,
дур почнувам во себе да се будам, да постојам,
дур наместо тебе, на животот вкусот му го чувствувам.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска