Ана Бунтеска: Ретки жени, машки жени, убави жени

Добивај вести на Viber

Не знам на себе боја да турам

Да изгледам ко оние, знаеш

Ко оние спастрени жени

Кои како насликани од дома излегуваат

Со совршено обоени усни

И руменило на образите

Кое личи како природно да е

Ниту пак знам очите да ги исцртам

Онака прецизно за поголеми да бидат

Со остра линија, малку искосени

И срнечки поглед под вештачките трепки

Ете

Не знам

Не знам да се стокмам во облека

Која погледот ќе ти го зароби

И потајно ќе го гледаш нишањето на колковите

Дур доаѓам накај тебе

Не, драги мој

Ништо од тоа не знам

А и да се обидам, смешна ќе сум

Несигурно ќе се тетеравам на високите потпетици

И ќе мислам на тоа дека следниот ден

Нозете ќе ми бидат отечени и болни

А секој обид да личам на оние од списанијата

Завршува со кловновски лик

За кој знам дека не е мој

Не знам да зборувам одмерено

И само да ја нишкам главата во одобрување

Ниту пак знам кој нож и вилушка за што е

Не сечам скромни залаци

Кои ќе ги џвакам 32 пати

И не отпивам мали голтки од виното

Чија чаша ќе ја држам како што е пропишано

Ние

Јас ко шо ги нарекувам, машките жени

Не гугуткаме кога сме лути

Ниту спиеме со калкулатор под перница

Ниту знаеме дипломати да сме

Ние викаме

Пееме

Пиеме и плачеме

Носиме она во што свои сме

Косите ни се ко надвор ветришта да дуваат

А зборот ни тежи и искрен е

И не се шминкаме за до продавница дур одиме

Ниту важно ни е што на себе ќе натнеме

Јадеме со раце

И гестикулираме дур муабетиме

Наивни сме ко деца

И љубиме без усул

Знаеме и сами да бидеме

Без страв и без јадосување

Оти низ животот сме научиле

Дека коленичиме само пред деца

Пред животот и смртта

Пред оние кои со мудрост не’ опсипаат

И оние кои знаат да не’ чуваат

Оти знаеме драги мој

(на потешкиот начин сме научиле)

Дека дур слепо љубов бараме

Себе се забораваме

И некаде попатно се оставаме

Дур повторно не се најдеме

За посилни да бидеме

Ете

Такви сме ние

Оние кои јас ги нарекувам

Ретки жени, машки жени, убави жени


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Претходната песна на Ана ја имате ТУКА