Ана Бунтеска: Се пакувам
Се пакувам
Полека и внимателно
Прецртувајќи ги во главата
Сите испишани
А неважни нешта
Кои можам попатно да ги купам
Се пакувам толку посветено
Како животот да ми зависи од тоа
Само за да не мислам
Зошто воопшто си заминувам
Долга е листата во умов
Која ја повторувам
Дур не почне да ми клука
Во слепоочниците да ми баботи
Како после долга и мачна болка
Која раат не ме остава
Пакувам
Чешел
За косата која ја истрижив
Лак за нокти
Кои се кратко потсечени
Парфем
За во мојот кафез од четири ѕида
Фустан
Кој никогаш не ќе го облечам
Високи потпетици
На кои не знам да одам
Пакувам
Како ова патување последно да ми е
Скоро уживајќи во сите дребулии
Кои одвишок ми се
Редејќи ги една по една во совршен ред
Внимавајќи да не се скршат или истуткаат
И си гледам рацете како механички работат
Како да немаат никаква врска со остатокот од мене
Ги гледам како туѓи да се
Не препознавајќи ги
Ги гледам
Онака како што те гледам тебе дур се моташ околу мене
Не прашувајќи ништо
Премолчувајќи ја мојата решителност
Помирен дека нема со прстот да мрднеш
Во обид да ме задржиш
Како што тоа секогаш го прават во филмовите
Се пакувам долго
Веќе неколку месеци
Секој ден пакувам и распакувам
Немоќна да заминам
Несреќна за да останам
Та стално од куфериве се сопнувам
Некојпат успевам и колено да раскрварам
Но никојпат не ги тргам
Или барем малку да ги поттурнам
Оти уште се надевам
Дека еден ден
Еден ден себе ќе се почестам со слобода
И гола и боса ќе си заминам
Со куфери полни моето присуство
Кои ќе ти ги оставам
Кои мене повеќе не ми требаат
За Женски Магазин, Ана Бунтеска