Ана Бунтеска: Секому доаѓа време

Добивај вести на Viber

Секому доаѓа време

За на земјава да се роди

И првиот плач да му се чуе

Да го сети мирисот

На тазе искосена трева 

Да го вкуси животот

И тогаш кога горчлив е

Да зачекори во светот

Со исправени плеќи

Да прозбори 

За да ја раскаже својата приказна 

Да го извези првиот збор на хартија

За да го испише патот по кој кинисал

Секому доаѓа време

За првата љубов

Од која најтешко се боледува

За срцебиење од првиот бакнеж

После кој веќе никој ист не останува

За ноќ во која од двајца едно се станува

И која никогаш не се заборава

За мигот кога свој човек бива

И на двете нозе цврсто застанува

За куќење место кое душа ќе има

И во која спокоен ќе е

За првата зима 

Во која на нов живот ќе замириса

За трпение од детето, човек да се направи

И за храброст да го пушти да одлета

За да му дише младоста

Секому доаѓа време

Да се исплаче

Да се изнавика

Да тера своја борба

Да победи и поразен да е

Да учи и да научи

Оти и арно и лошо ќе го наоѓа

И сила да има да го преживее лошото

Да знае како да му се радува на арното

Секому доаѓа време

За побелени коси

Пајажина од брчки околу очи

Коски кои крцкаат и болат од дождот

За внуци да чува

За надеж дека и нивна свадба ќе дочека

За спокој во кој душата ќе одмори

За денови во кои се’ е кроце и полека

Како да застанало времето

Кое станува се’ поскапоцено и покусо

Секому доаѓа време

За бело и црно

За лесно и тешко

За убо и неубо

За смеа и солзи

За љубов и осама

За славење и тажачка

За љубов...и за збогум

Секому од нас иди време

За живот и за смрт


За Женски Магазин, Ана Бунтеска