Ана Бунтеска: Си дадовме збор

Добивај вести на Viber

Си дадовме збор оти ќе се чекаме

Оти еден ден ќе се дочекаме

Дека ден ќе осамне кога ќе си дочекаме

Во иста постела да се будиме

И утрото како на филм ќе биде

Во кој нема вишок кадар

Ниту една реплика отповеќе

Си дадовме збор оти тука ќе сме

Во добро и зло рака в рака

Дека нема никогаш мојата да ја испуштиш

А јас твојата силно ќе ја стискам

За ветришта да не не’ оддуваат

Тогаш кога темни облаци ќе надвиснат

Како судбината да сака нешто да ни шепни

Си дадовме збор оти ѓаволот ќе го скротиме

И дека подалеку од нас ќе го држиме

Заклучен и занемен за да не го гледаме

Ниту глас да му чуеме

Подалеку од окото и увото да ни е

Оти не џабе рекле старите

Оти ѓаолот ни ора ни копа

Си дадовме збор оти без збор не ќе останеме

Дека меѓу нас секогаш глас ќе се слуша

Речта за да не ни изгасни

Устите да не ни се зашијат

Молкот да не не’ убие 

Оти тежината на тишината

Поголема е од камен врз градите

Си дадовме збор 

Тој што другиот ќе го надживее

Никојпат споменот да не го запусти

Да не даде сеќавањата пајажина да фатат

Како утеха и спокој дека сепак тука сме

Иако еден над земја гувее

А другиот под земја венее

Си дадовме збор

Многу зборови меѓу нас кажани беа

Ама пусто

Ете некогаш не бива чоек збор да си одржи

И зад кажаното да си стои

И не е дека си ми замерил

Или дека јас лута сум ти

Оти не стасавме зборот што си го дадовме

Во љубовта да ни остани и да ни остари

Толку знаевме

Толку можевме...до толку пишано било


За Женски Магазин, Ана Бунтеска