Ана Бунтеска: Сме заборавиле, луѓе сме та не паметиме
Си заборавил да ме љубиш,
онака како што некогаш умееше,
со сета страст во зениците собрана,
со чкртање на забите од глад по моево месо,
со сиот себе внесен во само еден бакнеж.
Сум заборавила како ме љубеше,
како мирно ми лежеше дланката во твојата,
мирисот твој, дури ниту него не го паметам,
како анестезирана, зашеметена во сетилата,
со преврзани плешки, со крила во црна вреќа за ѓубре.
Си заборавил како се љубевме,
звукот на смеа меѓу нашите две спојувања,
како ми лизгаше косава по твоето тело,
дур здивовите ни’ се претопуваа во еден,
оној кој се вдишува при раѓање, првиот.
Сум заборавила, ете и јас заборавив,
не паметам скоро ништо, како сон ми е,
кожата на мојава не ти ја паметам,
ниту бојата на очите, ниту насмевката,
како никогаш и да не си постоел.
Но, на себе со тебе се сеќавам,
на себе, онаква каква што сакам да бидам,
чувството на припаѓање го паметам,
љубовта во мене што цутеше, во себе со тебе што ја имав,
ете таа, таа кревка љубов во умов ми седи.
Сме заборавиле, луѓе сме та не паметиме,
на еден во друг повеќе не се сеќаваме,
како залутани, секој во својот лавиринт,
без излез, без патоказ, без желба за да се најдеме,
да се љубиме, да се сакаме сме заборавиле.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска