Ана Бунтеска: Сон
Те сонив сношти
Онака како што одамна
Не те бев сонила
Сиот светнат и насмеан
Со очи во кои сите мои желби
Како џамлии се собраа
Со дланки топли и силни
Во кои моиве ѕемнеа од студ
Те сонив сношти
Не оти сакав
И не оти мислев на тебе дента
И сега ко поболена сум
Та се мислам како низ денов-век ќе врвам
Со стисната душа
Како некој во тупаница да ја сторил
Како грутка снег во детска шака
Те сонив сношти
Иако умов инаетливо
На тебе не сака да мисли
Ама ете
Срцево свој ум си има
И никого не прашува
А најмалку мене
Најмалку што е арно за мене
Те сонив сношти
И како и секогаш
На сон сѐ е поубаво од јавето
Та ги заборавив сите кавги
Сомнежите ги однесе ветрот
Болката како и да не постоела
Оти на сон изгледа се живее
Сето она што кога си буден не смееш
Те сонив
И налет ти и јас со тебе
Да ти се плукнам во ноќите
Во кои ќе ми се курдисаш тука
Како до мене да си
Со здив кој мами на блуд
Со допир од кој телово ме дроби
И утробата како загноена ми е
Те сонив сношти
И сега иљач барам
Или некој да ми каже чаре
Како да спијам без соништа
За барем да можам да дишам ко ќе се разбудам
Без да ме засекува нешто во градиве
Оти не бива ко половина човек
Ни ваму ни таму да седам
Те сонив
Ете сношти на гости ми дојде
И знам дека еднаш некој ми рече
Оти на сон иди она
Што останало некажано
Или што не си го проживеал, а требало
А јас само знам оти посреќна ќе бев
Никогаш да не бев заспала
Ама пусто....ете, те сонив сношти.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска