Ана Бунтеска: Сонување
Ќе ги отсонуваме сите надежи
Кои ги сочувавме од заборавот
Во чиј мирис
Повторно младоста ни се враќа
Како никојпат замината да не била
Та уште малку ќе и’ се порадуваме
Чиниш деца во душите сме останале
Ќе ги отсонуваме сите копнежи
Кои ги негуваме како мајка-дете
Во чиј вкус
Повторно среќата ја наоѓаме
Како никојпат да не не’ одминала
Та од нив деновите ќе ни блеснат
Чиниш ниту еден облак не останал
Ќе ги отсонуваме сите зборови
Кои кажано недокажани биле
Во чиј звук
Повторно утеха наоѓаме
Како срцата скршени да не ни биле
Та повторно ќе ни се залечат раните
Чиниш коричка озгора фатиле
Ете, ние сосем умешно сонуваме
Се’ што еднаш дозволивме
Да избледи и исчезне меѓу нас
Та не знам дали толку сме знаеле
Или само толку сме заслужиле
Ама некако се’ ми се чини
А можеби и само ми се причинува
Дека барем уште една шанса ќе добиеме
Чунки нешто и двајцата сме поднаучиле
А најмногу како еден со друг да се љубиме
Без сила да си покажуваме
И без инаети дека сами можеме
Оти можеме, ама некако тажно е
И пустош во нас тагата остава
Па си велам
Ете некако така во умов ми иди
Сите надежи, копнежи и зборови
На сон да не ни векуваат
Оти еден ден ќе се разбудиме
Од сон во кој се’ си имаме
Се’...освен живот заедно
За Женски Магазин, Ана Бунтеска