Ана Бунтеска: Танц на мислите

Добивај вести на Viber

Во тишина

згусната од здивови

од кои сите прозорци

замаглено ја дробат светлината

со тела послани на земја

и допрени мозоци

како стрелки од часовникот

кои чукаат во времето

кое секогаш се спојува

во една единствена точка

на „ти и јас“.

Во тишина

со поглед вперен угоре

мислите ни танцуваат

кон небото во ова засолниште

кое покрив нема

само стакла на кои уште стојат

замачкани отпечатоци од нашите тела

на кои цртавме љубов

по парчиња кожа кои потем ги џвакавме.

Во тишина

со мирис на сокови

и засушен восок меѓу прстите

со твоето семе кое никулци пушта

со мојата слуз од која жедта ти ја гасам

во ритам на срцата кои се препознаваат

усните безгласно ни се движат

и во иста точка погледите горе ни се среќаваат

за да се роди ѕвезда на едно ново небо

она од кое нема назад.

Во тишина

во која знаеш с`

и во која с` знам

без ниту еден кажан збор

се раѓаме од сопствените сокови

и умираме во сокот на оној другиот

во оваа тивка ноќ која вечност трае

во која знаеш

и во која знам

ТОЈ си!


За Женски Магазин, Ана Бунтеска