Ана Бунтеска: Ти и јас љубов не водевме
Ти и јас љубов не водевме
ко кучиња се касавме
траги од нокти и заби си остававме
по мирисот се наоѓавме
како животни
како нелуѓе
како да се мразиме
како да сакавме да се одмаздиме
некому
одамна лузни што оставил
и си заминал без да сети
без да знае
без да побара прошка.
Љубов не водевме
туку ко ѕверови се душкавме и бревтавме
со тела кои се спојуваа за да ги боли
со тенки млазови крв меѓу прстите
со чкртање на забите
наместо воздишка
со гнев
небаре војна водиме
без збор
без поглед
без душа
за болката да н` потсети дека живи сме
дека останала солза во очите
чунки скапо ќе н` чинеше ронка љубов
која и онака во себе ја немавме.
Ти и јас
само лушпи во градите носевме
само остатоци
сеќавање за срцата имавме
во душите немаше ниту што да си видиме
затоа и еден од друг избегавме
за да не се видиме во погледот на другиот
ниту тагата
ниту болката
ниту немоќта
ниту ликот кој човечки не беше
само гробовите во зениците ни светеа
само пеплишта во огништата ни цутеа
оти ти и јас љубов не водевме.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска