Ана Бунтеска: толку ни бил касметот за да сме заедно
Некогаш сакам на песните да се навраќам
На оние за тебе навезени
За да се присетам колку сум те љубела
Па ги читам дур’ не почнат буквите пред очи
да ми играат
И замижувам силно дур’ светки не ми се појават
Во обид на твојот лик да се сетам
Та со врвовите на прстите слепоочниците
си ги стискам
Како да можам еден цел живот назад да премотам
Ете
Признавам оти некојпат сакам да ме боли
И к’о за инает знам да те отсонувам
Та сабајлината со грутка во утробата
Повторно сѐ за тебе знам
Како кога човек се буди од повеќегодишна кома
Та мисли дека време не минало
Како од вчера до денес да не изврвеле години
Токму така ми е
Па си велам оти самата си го барав
И сиот ден к’о побудалена шетам
Со твојот мирис пикнат во носот
И со вкусот на непцава наталожен
И да знам да цртам
Во тој миг би те нацртала со совршена прецизност
Избразденото чело
Кривината на носот
Брадата
Свијокот на косата
Адамовото јаболко
Клучните коски
Рацете
Колковите
Нозете
(со оние смешни прсти за кои секогаш велеше
дека се поубави од моите)
Ете
Ќе те цртав со часови полека
За да уживам во болката која ја раѓам со секој спомен
А потем со сласт ќе го искинев цртежот
На ситни парчиња дур’ прстите од рацете не почнеа
да ми трпнат
И како конфети за некоја прослава ќе ги расфрлав околу
Ама тоа ќе се случеше да знаев да цртам
А бидејќи не знам
Ги вртам сите напишани зборови за тебе
И туку одвреме навреме ќе си промрморам
„будала жена“
Па се кикотам
А потем плачам
Те пцујам во меѓувреме
И повторно седнувам да читам
И среќа што ова често не се случува
Туку ете така
Само понекогаш, да не речам ретко
К’о да сакам да се присетам колку можам да љубам
Колку знам некому да му го сервирам срцево
Како богата вечера со чаша бело вино
И не ти се лутам
Ниту дека не те биваше да земеш
А уште помалку те биваше за да дадеш
Толку си знаел и толку си можел
А и јас ете не сум умеела поинаку да те сакам
Не се лутам ниту на двајцата
Толку ни бил касметот за да сме заедно
Само ете така
Некогаш тешко ми паѓа
Оти по тебе душава иста не е
А и со срцево мака си имам
И се тешам дека еден ден иљач и за тоа ќе се најде
Дека некој мудар и учен човек
Ќе го најде лекот за ваквите, к’о мене поболени
Еден ден кога за најголемите љубови
Ќе можеме со насмевка да си муабетиме
Без болка
Без трошка болка во срцата
Фото: Стојан Стојановски