Ана Бунтеска: Твоето заминување

Добивај вести на Viber

Твоето заминување беше безболно

Скоро и како да не се имаше случено

Чудно, знам

Ама така некако беше

Без драма и болка

Без викотници и објаснувања

Без трескање врати 

И намуртени погледи кои ништо не кажуваат

Твоето заминување беше неосетно

Сосем нежно и благо

Со тишина која се вгнезди меѓу нас

Од која и постелата беше студена

А јас во неа се навикнав да спијам за двајца

Попречно наместена во креветот

За да не биде вдлабнат душекот

Само од едната (мојата) страна

Твоето заминување беше долго

Толку долго што дури и не забележав

Како полека облеката ти ја снемува

Омилениот парфем и пижамите

Ситни дребулии кои беа расфрлани околу

И за кои секогаш те прекорував

А ти секако дека не ме есапеше 

И ме задеваше дека сепак тука живеат луѓе

Твоето заминување имаше сценарио

Добро смислено и одлично направено

За да не ме боли

За да не те боли

За да не нанесеме болка дури ниту на спомените

Кои љубоморно ги чувавме 

Меѓу две тврди корици

Од албумот на кој имаше слика

На двајца кои се прегрнуваат на зајдисонце

Твоето заминување го сетив отпосле

Толку отпосле што и не бев сигурна

Дали некогаш и сме биле НИЕ

Толку отпосле што и ликот твој

Ми изгледаше како да сум го гледала само на филм

Толку проклето отпосле

Што молкот во моето срце беше шепот

На кој никој не одговараше

Твоето заминување не е ничиј пораз

Ниту пак е победа на некој од нас

Туку само разделување на два света

Меѓу кои стои голема вода

И едно чудо планини и ридови

Како некој озгора намерно да ги ставил

За да не ни посакаме да си се вратиме

Твоето заминување беше и мое

Ама не од тебе туку од себе

И чинам дека е се’ токму така

Како што требало да биде

Како што одамна требаше да биде

Со точка која остана на влезната врата

Откако замина...откако си замина



За Женски магазин, Ана Бунтеска