Ана Бунтеска: Во оваа љубов има сѐ

Добивај вести на Viber

Чудно се љубиме ти и јас,

без зборови и лажни ветувања,

без драма и исценирани емоции,

се мирисаме и душкаме,

се препознаваме по здивовите

и по играта на телата.

Чудно се чувствуваме ти и јас,

како себе да се наоѓам во твоите мисли,

или во мислите за тебе, своите ги сместувам,

со нив си играм во умов, ги заведувам,

полека преку нив те допирам,

а твојот здив во телово ми навлегува.

Чудно љубов водиме ти и јас,

на моменти како валцер да играме,

а потем како сред молњи и дождови да стоиме,

со страст која убива и оживува,

која ме плаши и покорува,

а сепак ми носи мир и спокој.

Чудно телово покрај твоето го чувствувам,

како оние големи слагалици,

да, како оние на кои последното парче секогаш недостасувало,

за да биде се’ комплетно, за да биде цело,

како векови да минале дур сум го барала и копнеела,

а токму тогаш кога се откажав, го пронајдов.

Чудна ми е љубовта кон тебе,

треперлива и нежна, како ветар на гола кожа,

моќна и жестока како бура во есен,

полна бои и мириси за кои не знаев дека во себе ги имам,

полна бол од дамнешни животи, полна детска радост,

оваа моја љубов, чудна и убава, за тебе ноќва што завива.



За Женски Магазин, Ана Бунтеска