Ана Бунтеска: Во овој град дождот мириса на тага
Денес ми прокапи во душава,
како сите брани наеднаш сами да се урнаа,
како да си ја голтнав сета горчина,
како да се урна се’ во мене.
Те исплакав, гласно, со стиснати тупаници,
со солзи те полеав, од утробава исцедени,
во нив те искапив, со тебе се простив,
а покрај тебе и себе се прежалив.
Денес, денес ми врнеше во срцето,
денес ми беше есен и зима заедно,
денес, а поим немам зошто баш денес,
денес паднаа сите бедеми и заштити.
Па стуткана на подот додека свири гласно музика,
те плачев дур солза во мене не остана,
ете, денес бил денот,
оној ден кога научив повторно солзи да леам.
И колку повеќе те отплакував,
во градите болката посилно ми клукаше,
оти дур солзите во себе ги држев,
збогум не ти кажував, од себе не те пуштав.
токму таков каков што си,
да те љубам и галам дур душата не ти одмрзне.
Ете, денес од себе те пуштив,
во мислите те помирисав за последен пат,
твојата рака во коса ја сетив
и те пуштив, од срцево те ослободив.
И не, не ми е лесно, ниту убаво ми е, ниту пак среќна сум,
ама сепак со љубов кон тебе, во себе се збогувам,
со главата крената кон небото што со мене денес се’ исплака,
чувствуваш, зарем не?! во овој град дождот мириса на тага.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска