Ана Бунтеска: Во песна

Добивај вести на Viber

Ќе те ставам во песна,

ќе те напишам и така ќе те имам,

оти инаку дланките празни ми седат.

Ќе те испишам со пенкало и силно ќе стискам

и потоа ќе го допирам листот,

небаре твоето лице ми е под прстите.

И еве, можам да ти ги почувствувам обрисите,

кожата, дури и мирисот ти го сеќавам,

оти пишувајќи те, од себе те вадам.

Ќе те исплачам во песна,

ќе те замачкам и измијам во солзи,

да ми бидеш чист од сиот гнев што го носам.

Ќе те исплачам и ќе оставам да се засуши,

во сол раните ќе си ги измијам,

за да не заборавам колку ме болеше.

И еве, од мене истекува сета болка,

како потоп во душава да имам,

а срцето за здив ми се бори.

Ќе те убијам во песна,

ќе те воскреснам за последен пат

и повторно во неа ќе те закопам.

Ќе ги натопам рацете во крв,

ќе се напојам со смртта твоја

и со земја ќе се исчистам.

И еве, со црвена боја песната ја покривам,

згужвано парче хартија низ рацете ми се исцедува,

почивај во мир, заедно со мојата љубов.

Ќе се родам повторно

во нечија нова песна,

напишана со мирна и сигурна рака.

Ќе се родам слободна и нежна,

онаква каква што некогаш бев,

онаква каква што знам дека ќе сум повторно.

И еве,

некој почнува да ме пишува,

чувствувам по телото...ми трепери,

ми мириса на живот, на страст,

додека во новиот ден,

повторно од пепелта се раѓам.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска