Ана Бунтеска: Во светот на ЈАС, биди НИЕ
"И така, понекогаш, душата удира крвнички по телото. Сака да се прошири" - Горан Стефановски (Конзервирани импресии).
И така, понекогаш, има иницијативи кои го препознаваат ширењето на душата и умеат, знаат како да направат место, не само за себе туку и за другите
#НаправиМесто
Во светот на ЈАС, биди НИЕ
Можеш во четири ѕида да се затвориш
душата со железен синџир да ја украсиш
со три катанци да ја затегнеш
и со клуч железен да ја заклучиш,
ниту да влези светлина во тебе
ниту да излези добрина од тебе.
Можеш на очите превез да ставиш
силно стегнат, ни ѕирка ни проѕирка да има
слеп при очи да си за тој до тебе да го видиш,
синкир маката е нешто од што ќе се заразиш
или скапо ќе те чини ако рака без страв подадеш
без да чекаш убоста со убост да ти се врати.
Можеш да глумиш оти наглув си,
тишината да ја зграбиш како дар да е
ниту плач ниту смеа во тебе да гргори,
далеку од вревата која некојпат музика е
и уште подалеку од себе а блиску без себе
оти сам човек е како дрво без корен.
Можеш устата да си ја сошиеш
со бод од срмен конец мајсторски навезен
збор-иљач од тебе да не излези
како да е срамно и тешко утеха да дадеш
та однатре сам со себе да си муабетиш
како бездна да си во која само екот твој се слуша.
Можеш...
Ете можеш да се одродиш
со душа стегната како ортома на неа да имаш
со очи залепени од себичлук
уши полни восочна суета
раце кои како вејки се нишаат празни
и бескрвни усни полни горчина.
Но...
Можеш и поинаку.
Можеш и подобро.
Можеш да си го отвориш срцето
и да се чудиш колку збира милост во него
очите ширум да ги ококориш
за да видиш, да посакаш нешто да смениш
да викнеш силно и гласно на секоја тага и неправда
та да го прегрнеш животот во кој не те бива сам
и да знаеш дека сепак колку повеќе даваш
толку повеќе спокој имаш.
Можеш...
Можеш во овој свет на ЈАС, да бидеш НИЕ.
А во НИЕ, своето ЈАС да го најдеш.
Песна во која моето јас стана НИЕ... инспирирана од иницијативата на Телеком МК
#НаправиМесто