Ана Бунтеска: Желба
Желба ми беше
Старост со тебе да дочекам
Некаде меѓу трева зелена
И жубор на поток
Во куќаре од дрва
И градина полна трендафили
Та низ оџакот на зиме
Да се ширеше мирис на погача
А пред вратата лулашка
Со шарени перничиња распослани
На која в лето
Коски ќе си топлевме на сонце
Голема желба ми беше
Староста рака в рака да ни спие
И меѓу дланките наши стиснати
Отпечаток од години оставен
Како аманет за една љубов голема
Која посилна од сите ветрови била
Во која утеха сме си нашле
Од која душите со спокој сме си ги нараниле
Та од ситоста нивна со векови најадени да бидеме
Чунки џабе меот полн ако срцата празни се
Ми беше желба
Ех колку голема желбата ми беше
Да не броевме деној
Ниту ноќите куси да ни беа
И да можевме некако еден со друг да се чуваме
За да си траеме, да се дочуваме
Ама пустото
Не оди се’ онака како што чоек намислил
Ниту онака како што желбите му се
Та уште младоста си ја живееме
Ама сам по сам
Јас тука
Ти онаму
Јас таму
Ти тргнат наваму
Ама никако да се сретнеме
И никако на пола пат да се најдеме
Како да сме тргнале со ниет да се разминеме
За еден ден да се заборавиме
Во староста која заедно не ќе ја дочекаме
За Женски Магазин, Ана Бунтеска