Ана Бунтеска: Живеј денес, живеј сега
Сите имаме време на раѓање
И секој од нас и време на умирачка ќе има
Уредно заведено на лист хартија
Небаре некаква утеха на најблиските ќе биде
Сите имаме време на изгрејсонце
И времето на зајдисонце ќе ни дојде
Иако и пред нас и после нас
Сонцето повторно ќе изгрева и заоѓа
Сите имаме точка на почеток
И точка после која нема каде
Како крај на една приказна
Во која секој од нас главна улога имал
Сите имаме ден во кој првиот плач ни се слуша
И ден во кој останува зад нас плачот на најблиските
Чија љубов ќе остане во нас
За да не’ спомнуваат низ времето
Секој што се родил еден ден умира
И некако бесмислено е да се мисли на смртта
Додека животот пред тебе распослан е
И наместо радост, на душа јад да си ставаш
Оти еден ден не ќе се разбудиш
Та се ми се чини
Оти единствена мудрост која треба да се знае
Е како човек да живее сега
Токму во овој миг да го зграпчи животот
Со сите убости и грдотии
Па од убостите спомени да сплети
А на грдото прстофат магија да тури
За сиот смет на цвет да замириса
И да не си клава на дикат
Дали ова речено било
Или она сторено е
Туку да остави покрај него да минат
Сите нешта кои солза во око ќе соберат
И низводно да ги пушти
Од нив срцето да си го ослободи
Место за радост и убост да стори
Оти....
Сите имаме време на раѓање
И секој од нас и време на умирачка ќе има
Првото на почетокот на листот хартија
Второто на крајот од ферманот
Ама помеѓу нив
Помеѓу нив љубов да има
Спокој да има, живот да има
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска