Ангелот Гаврил од Курбиново - фреска која вреди да се види

Новата министерка за култура, Ирена Стефоска најави дека црквата „Свети Ѓорги“ во Курбиново и манастирот „Успение на Пресвета Богородица во Матејче“ ќе добијат статус – културни добра во опасност.

Црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново е позната по нејзините најубави, оригинални фрески. Особено по фреската на Ангелот Гаврил од Курбиново. Ликот на Ангелот Гаврил од Курбиново, сите секојдневно го гледаме, но не обрнуваме внимание на тоа, токму таа фреска е отпечатена на банкнотата од 50 денари.


Црквата е изградена во 1191 година, а тоа може да се потврди од натписот над олтарот. Во 17 век црквата била запуштена, а во текот на 19 век обновена, конзерваторските работи на архитектурата и живописот биле завршени во 1958 година.


Живописувањето на црквата започнало на 25 април 1191 година. Фреските се едни од најубавите, најоригиналните и во целост најдобро сочувани фрески што од тој период допираат до нас. Творештвото на тројцата непознати мајстори во Курбиново, претставува надоврзување на творештвото на нерешките мајстори, иако во голема мера се забележува голема оригиналност во стилот и изразот.

Концепциски живописот е распореден во три зони: во првата зона се насликани поединечни претстави на светители во раст, во втората циклусот на големи празници, а во третата пророци.


Во олтарниот простор во првата зона е насликана композицијата Поклонување на архиереите на Христос - агнец (Мелисмос), а во конхата на апсидата Богородица Никопеа фланкирана од двете страни со архангелите Михаил и Гаврил. На источниот ѕид се насликани благовести со архангел Гаврил (северно) и Св. Богородица (јужно). На јужниот ѕид во олтарниот простор насликани се Св. Методиј Солунски, Св. Кирил Солунски и Св. Кирил Александриски.

Надвор од олтарниот простор насликана е претставата на Исус Христос Ирини, а до него Богородица и Св. Јован Претеча од Деисиз. На западниот ѕид во првата зона се насликани претстави на жени светителки: Св. Текла, Св. Петка, Св. Теодора, Св. Варвара, Св. Недела и Св. Катерина.


На северниот ѕид се насликани претставите на Св. Онуфриј и Св. Ефросин, а на источната страна од северниот ѕид претставата на Св. Ѓорѓи. Некои композиции: „Вознесение“, „Благовештение“ и „Средбата на Марија и Елисавета“ го вклучуваат живописот од Курбиново во првиот ред на византиското сликарство, воопшто.


 Црквата, со надалеку познатата фреска на Архангел Гаврил, во Курбиново, споро се обновува и покрај започнатата прва фаза. Затоа и истата, според министерката за култура, Стефоска ќе добие нов статус, согласно Законот за заштита на културното наследство.

Свети Ѓорги од Кубриново е сместена над селото Кубриново, во непосредна близина на Преспанското езеро.


Фото: Википедија

Можеби ќе ве интересира:

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КРАТОВО): Убавините на Македонија: Волшебниот град на кулите и мостовите 

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД МАНАСТИРИТЕ ВЕЉУСА И ВОДОЧА) Убавините на Македонија: Богатство кое вреди да се види