(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КРАТОВО): Убавините на Македонија: Волшебниот град на кулите и мостовите

Кратово е еден од најстарите градови на Балканот. Денеска патуваме токму низ неговите сокаци, а до нив ќе стасате откако ќе го поминете Грофчанскиот мост.

Од Скопје, има околу 90 километри ако тргнете преку Куманово, што е најблискиот пат. Може да се тргне и преку Велес и Пробиштип, што е подалечна варијанта (околу 140 километри). Зависи од тоа колку сте расположени да патувате и да видите.

Дека Кратово е еден од најстарите градови на Балканот, докажуваат големиот број артефакти, монетите од времето на пајонскиот крал Адалјон. 

И за овој град кој од прва ќе ве освои со својата топлина, има повеќе примери за настанокот на името. Името Кратово доаѓа од местоположбата на градот, кој лежи на вулканска подлога, односно вуклански кратер. Според старо предание, градот го добил името по зборовите „кират-ова“, по името на  тврдината на бреговите на Кратовска река. Во времето на Византија,  градот е наречен „Коритос“ или „Коритон“.


Кратовските улици и денес потсетуваат на некое старо време.

Она што е најкарактеристично за Кратово се неговите мостови, најпознат е секако Радин мост. Според приказните на стари кратовчани кои ги слушале од своите баби и дедовци, овде во минатиот век сè уште имало 14 фунцкионални мостови. Денес, од нив се сочувани пет. 

Грофчанскиот со кој започна нашата приказна, Чаршискиот, Аргуличкиот Јоркширскиот и  Радиниот мост. Грофчанскиот е единствниот мост со два свода со кој се поврзува Ајдучката чаршија со десниот брег на Кратовска Река. Од неговата лева страна е Домот на културата.

Интресна е легендата за Радинот мост на Манцева река, облежјето на Кратово. Старите приказни велат дека овој мост го ѕидале девет браќа. Џабе браќата дење ѕидале, кога мостот навечер се уривал. Кога веќе биле при крајот на силите, од постарите слушнале како ќе им успее да го подигнат. Им рекле дека, за да стои мостот, треба да дадат жртва која ќе биде вѕидана во него. Браќата се мислеле , и се договориле жртвата да биде најмладата снааа Рада која утредента им донела ручек додека работеле. Сите браќа ги предупредиле жените да не доаѓаат, освен најмладиот. Утредента Рада го зготвила ручекот и го однела. Кога деверите ја фрлиле в темел да ја заѕидаат, таа ги низ плачење им рекла: „Оставете ми ја десната града, за да си го надојам машкото дете“.

Кратово е волшебно и поради типичната староградска македонска архитектура и е познато по своите кули и мостови. Според некои претпоставки, во минатото, во Кратово имало дури 13 кули. Денес се останати шест: Симиќевата кула, Саат-кулата, Златкова кула, Крстева, Емин-бегова и Хаџи-Костева кула. Од нив најголема и најубава е Симиќевата кула.

Старите кратовски домаќин, ако одите на празник, и денес ќе ве пречекаат со она што од одамна им е останато како специјалитет, кцана сол.

Таа е дел од свечената трпеза за Велигден, но и за Св. Троица. Везена пиперка, морска сол, нане, мајчина душица, се дел од состојките на овој специјалитет. Има уште состојки кои кратовчани љубоморно, како тајна ги чуваат. За познатата кратовска пастрмајлија не треба многу да се зборува. Таа треба да се вкуси. 

М.Џаровска

Фото: В.Тануровски 

Можеби ќе ве интересира и

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД БАРГАЛА) Убавините на Македонија: Вечна инспирација за истражување

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ИЗВОРИТЕ НА ДРИМ) Убавините на Македонија: Фрли паричка за среќа

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ГАЛИЧНИК) Убавините на Македонија: Кој израснал овде, тој станал човек

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ВОДОПАДОТ ДУФ) Убавините на Македонија: Магија сокриена зад карпи

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ПОНИКВА) Убавините на Македонија: Опоен мирис на бука и галантни домаќини

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КОЛЕШИНСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Шумски рај меѓу папрати

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КРУШЕВО) Убавините на Македонија: За кафе и за локум секогаш има време

(ФОТО ГАЛЕРИЈА ОД КУКЛИЦА) Убавините на Македонија: Куклите скаменети од неостварена љубов, станаа туристичка атракција

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД МАНАСТИРИТЕ ВЕЉУСА И ВОДОЧА) Убавините на Македонија: Богатство кое вреди да се види