(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД СМОЛАРСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Магија во која се вљубувате на прв поглед

Добивај вести на Viber

Женски Магазин со продолжение на серијалот „Убавините на Македонија“, со фото-репортажи од прекрасните места што ги има нашата земја

Тесниот земјен пат кој треба да го поминете и пешачањето од околу еден час сосема се исплати, кога ќе стасате до целта, Смоларскиот водопад. Ќе ве пречека волшебна глетка, интензивен, но и смирувачки звук на вода чиј пад е од височина од 39.5 метри.

За оние кои не можат да изодат цел час одеднаш, по шумската патека има неколку клупи за одмарање. 

Смоларскиот водопад е идеален за екскурзија во летниот период. Ако се мислите каде да прошетате за викенд, тој е вистински избор, најмногу поради тоа што е сместен во букова шума, и поради освежителната пареа која ја ослободува водата.

Водопадот се наоѓа над селото Смоларе, во општина Ново Село, Струмичко. Сместен е на надмoрска височина од 630 метри, во северните паднини на планината Бeласица, во долниот тек на Смоларска река.Смоларскиот водопад е единствениот постојан и највисок водопад кај нас. Водата од неговиот врв, до дното на џиновксиот лонец паѓа по мазна капра, убавина во која можете долго да гледате кога ќе застанете на платформата, да се одморите и сосема да се исклучите од секојдневието. Освен ако не ве прекинат посетителите кои сакаат да се сликаат до него. Џиновкиот лонец е широк 11 метри а длабок од 0.5 до 0.7 метри.

Струмичани гордо ќе ви раскажат дека самата планина Беласица е богата со уште неколку скриени водопади до кои нема пристап, но ако имате среќа да заминете во оваа област кога нема многу луѓе, нивниот звук ќе го слушнете како одекнува од страните на Беласица.

Ако се вљубите во Смоларскиот водопад како и ние, ќе сакате да го посетите пак. Сторете го тоа и на зима. Струмичкиот регион најмногу ја памети зимата во 2016 година, кога водопадот замрзна. Смоларскиот водопад е убаво да се посети во комбинацоја со Колешинските водопади, за кои ќе ви раскажеме следната недела.

М.Џаровска

Фото: Вангел Тануровски 

Можеби ќе ве интересира и (ФОТО ГАЛЕРИЈА ОД КОЗЈАК) Убавините на Македонија: Идеално место за романтични прослави и за инстаграмџии