(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД БАРГАЛА) Убавините на Македонија: Вечна инспирација за истражување

Археолозите велат дека има уште многу да се истражува од Баргала, древниот македонски град, кој се наоѓа на 12 километри североисточно од Штип, во подножјето на планината Плачковица.

Досега е истражена само една десетина од ова прекрасно наоѓалиште, кое првично имало улога на воен логор, а потоа станало тврдина. Шетајќи низ Баргала, гледајќи ги нејзините неправилни правоголни ѕидови, како да губите ориентација за времето, и се враќате назад. Секој ѕид, како да раскажува своја приказна.

Прошетката низ Баргала е пријатна и во летните месеци, затоа што често дува ветер, а романтичарите сакаат да ја шетаат и ноќе. Тогаш вистински се чувствува нејзината мистика. 

Во еден напис од 371 година, се спомнува Античкиот град Баргала. Тој е пронајден во текот на Втората светска војна, и претставува спомен-плоча за подигањето на градската порта од страна на Антониј Алипиј, управник на провинцијата. Плочата е најдена во месноста Ханче, на левата страна од реката Брегалница, во атарот на општината Карабинци.

Како воен логор, градот служел кон крајот на IV век, кој бил изграден како тврдина на граничниот појас меѓу провинциите Втора Македонија и Средоземна Дакија. Градот подоцна бил разурнат, а жителите изградиле нов крај Козјачка река. Баргала прераснала во цивилен град, кој своите најдобри денови ги живеел во времето на Јустинијан, (527-565).

Во средниот век се оформила нова населба, чиј белег е црквата “Свети Ѓорги", изградена кон крајот на втората половина на IX век.

Слушајќи ги приказните на локалците, кои ги читале и ги слушале од постарите, се повторува реченицата дека штипската гордост не е истражена до крај. За археолозите, Баргала останува вечна инспирација, а и за посетителите. Ако еднаш појдеш до Баргала, повторно ќе те тера да ѝ се враќаш. На секоја нова посета, се забележуваат детали кои не сте ги забележале претходно. Во тоа е нејзината убавина, Баргала, не е инспирација за истражување само за археолозите, туку за секој што ќе прошета низ неа.

М. Џаровска

Фото: Вангел Тануровски

Пред да ја погледнете галеријата од Баргала, можеби ќе ве интересира и:

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ИЗВОРИТЕ НА ДРИМ) Убавините на Македонија: Фрли паричка за среќа

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ГАЛИЧНИК) Убавините на Македонија: Кој израснал овде, тој станал човек

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ВОДОПАДОТ ДУФ) Убавините на Македонија: Магија сокриена зад карпи

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ПОНИКВА) Убавините на Македонија: Опоен мирис на бука и галантни домаќини

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КОЛЕШИНСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Шумски рај меѓу папрати

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД СМОЛАРСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Магија во која се вљубувате на прв поглед

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КРУШЕВО) Убавините на Македонија: За кафе и за локум секогаш има време
(ФОТО ГАЛЕРИЈА ОД КУКЛИЦА) Убавините на Македонија: Куклите скаменети од неостварена љубов, станаа туристичка атракција