(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ИЗВОРИТЕ НА ДРИМ) Убавините на Македонија: Фрли паричка за среќа

Се верува дека ако фрлите паричка во изворите од мостот на брегот кај Св. Наум, и замислите желба, таа ќе се исполни. Традицијата со фрлањето паричка се негува и денес. Многу туристи, а и мештанци, пред да се повозат по волшебните извори на Црни Дрим, фрлаат паричка за среќа.

Нашиот домаќин на прошетката со кајче низ изворите беше Никола. Нема кој не го знае Никола од Трпејца, кој повеќе од 20 години водените прошетки низ изворите ги прави интересни за туристите со своите ангедоти.

Од него ќе слушнете дека во 1999 година, Ричард Гир бил дел од неговите гости на кајчето, а колегите кои исто така возат туристи низ изворите, ако ја слушнат приказната, низ насмевка ќе дофрлат: Де бре, Никола, пак ли за Ричард Гир?


Нашиот домаќин е одличен раскажувач. Додека пловевме низ кристално чистата вода која е доволно чиста што може и да се пие, Никола прво нè праша: Сакате да ви раскажувам или повеќе сакате да уживате во тишината? Ако на некое место може во вистинска смисла да се ужива во тишината и во мирот, тоа се изворите на Црни Дрим. Ја избравме втората опција.

„Водите низ кои се возиме доаѓаат од Преспанското Езеро преку подземните варовити канали во подножјето на Галичица. Има 30 подводни и 15 крајбрежни извори. Вкупниот капацитет е околу 7,5 метри кубни во секунда. Изворите се формираат во мало езерце со површина од 30 хектари и длабочина од 3,5 метри“, раскажува нашиот домаќин додека ја допираме водата.


Интересен феномен е тоа што температурата на водата никогаш не поминува 11 степени. Водните желки и дивите патки кои ако имате среќа ќе ги видите низ езерото, се навикнати на таа температура.Освен бујната вегетација, убавината на оваа приказна ѝ ја даваат и трите цркви во близина Пресвета Богородица, Св. Атанасие и Св. Петка, од каде што Никола по традиција си полни вода од чешмата крај црквата. Велат дека водата која извира под црквата Св. Петка има лековита моќ за очите.

Крај црквата, нашиот домаќин застана со раскажувањето. До крајот на нашето водно патување имаше само едно прашање: Дали сакате да ја слушнете мојата песна што ја напишав за Охрид? Патувањето назад ни помина со песната на Никола, и откривање на уште еден негов талент, пишувањето. „Сите овие години поминати на кајчево ќе ги ставм во книга“, вели тој. За крај, ни се извини што поради опасноста од коронавирусот, ова лето тој не им помага на туристите да се качат и да се симнат од чамецот за да немаат близок физички контакт.

Приказната завршува каде што започна, пред Охридското  езеро каде што изворите се влеваат преку брза и куса река со капацитет од 10 литри во секунда.



Милица Џаровска

Фото: Женски магазин


Можеби ќе ве интересира и:

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ГАЛИЧНИК) Убавините на Македонија: Кој израснал овде, тој станал човек

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ВОДОПАДОТ ДУФ) Убавините на Македонија: Магија сокриена зад карпи

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ПОНИКВА) Убавините на Македонија: Опоен мирис на бука и галантни домаќини

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КОЛЕШИНСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Шумски рај меѓу папрати

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД СМОЛАРСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Магија во која се вљубувате на прв поглед

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КРУШЕВО) Убавините на Македонија: За кафе и за локум секогаш има време

(ФОТО ГАЛЕРИЈА ОД КУКЛИЦА) Убавините на Македонија: Куклите скаменети од неостварена љубов, станаа туристичка атракција