(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ВОДОПАДОТ ДУФ) Убавините на Македонија: Магија сокриена зад карпи
Бајковит и егзотичен е патот до водопадот Дуф, кој се наоѓа во близина на селото Ростуше, во долината на реката Радика, во подножјето на планината Дешат, на 33 километри од Маврово.
Се паркирате во Ростуше, средено и мирно село со убави куќи и ве очекува околу половина час пешачење по обележана шумска патека. Освен доброто расположение и авантуристичкиот дух, потребни ви се и добри и удобни чевли за пешачење. Патот што е потребно е да го поминете не е секаде рамен, има угорници и удолници, и одење по камен кој е на некои места лизгав.
Пешаќејќи цело време покрај река, на две места ќе можете да се одморите по пат. На една од дрвените маси, нè пречека имровизирана вазна со планинско цвеќе, кое цело време ќе го среќавате по патот. Жуборот на водата и мирисот на цвеќињата ќе ве одмори и останатиот дел од патот веќе е полесен. Од половина пат, патеката води по кањонот на Ростушка Река, кој на некои места е длабок и до 100 метри. На крајот од кањонот доаѓате до целта, Дуф Водопад. Нема да можете да го видите веднаш, скриен е зад карпите, и тоа е она што ова место го прави и мистично. Водападот кој паѓа од карпата е висок над 28 метри. Вкупниот вертикален отсек на Дуф Водопад изнесува 23,5 м, а подинскиот дел содржи џиновски лонец. Дуф Водопад е полноводен во текот на целата година, при што протокот е двојно поголем во текот на зимата, а во просек изнесува околу 90 л/с.
Лесно е достапен и можно е сосема да му се доближите, па дури и да се разладите близу него, ако не ви пречи студената вода. Смирувачкото чувство кое го дава звукот на водата ќе ве „држи“ уште долго. Самото сознание дека сте ја виделе оваа магија сокриена зад карпите, го прави патот за назад многу полесен.
По Дуф, нашето патување продолжи во село Јанче, на традиционален качамак и кисело млеко. Планинската панорамска глетка од Јанче, долу на Радика е магична. Студената вода во Јанче не освежи најмногу.
Го посетивме и дебарското село Рајчица, на два килолетри од Дебар и уживавме во панорамската глетка на Дебарското езеро. Одмаравме и во познатото Лазарополе, чиј настанок се поврзува со легендата за селаните кои бегајќи од Турвите, се скориле во пештерата Калина Дупка. Само еден храбар Лазар успеал да се спаси.
За мавровско-дебарскиот крај има уште многу нераскажани приказни, што ќе ви ви ги доловиме низ фотографии во наредните викенди.
М. Џаровска
Фото: Вангел Тануровски
Може да ве интересира:
(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КОЛЕШИНСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Шумски рај меѓу папрати
(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ПОНИКВА) Убавините на Македонија: Опоен мирис на бука и галантни домаќини
(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ГАЛИЧНИК) Убавините на Македонија: Кој израснал овде, тој станал човек