(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ПОНИКВА) Убавините на Македонија: Опоен мирис на бука и галантни домаќини

Добивај вести на Viber

Питомо одмаралиште и исклучително гостољубиви домаќини, е првата асоцијација на Пониква. На овие зборови сигурно и вас ќе ве асоцира, кога ќе помислите на Осоговскиот рај, откако ќе го прошетате.

Мештаните од истокот се поделени, дали Пониква е повеќе летен или зимски туристички центар? На зима, за нескијачите нуди прекрасна прошетка низ шумските патеки, а за скијачите два ски лифта и одлични стази за сечие скијачко ниво. На лето, ја сакаат велосипедистите поради убавите велосипедски патеки, вљубениците на долгите прошетки, гурманите кои уживаат во домашната софра во еден од внимателно уредените ресторани и мотели, како нашиот домаќин „Осоговска куќа“. Ние ќе ве освежиме со летна галерија.

Пониква е врв во југозападниот дел на Осоговските Планини, кој е висок 1614, и се наоѓа на надморска височина од 1560 метри. Осоговските Планини се најголемиот и највисокиот планински масив во Источниот регион. За Пониква  велат дека е круната или кралицата на Осоговските Планини. Од Кочани има само 20 километри возење, по означен асвалтен пат.

Кога ќе стасате на Пониква, ве опива мирисот на буката, а вистинско богатство е панорамскиот поглед од кој нема да сакате да се одделите. За смесување, Пониква нуди неколку мотели со ресторани и викенд куќи кои се издаваат. Каде и да се сместите, ќе се чувствувате како дома. Ако изберете сместување со храна, домаќините ќе ве разбудат со мирис на тазе сварено кафе и пржени лепчиња. Уште додека појадувате, ќе ве прашаат што сакате да ви подготват за ручек. Ручек без домашна ракија речиси и да нема, а сопствениците на рестораните, главно кочанчани се и галантни, сакаат да ги почестат своите гости.

Во оваа воздушна бања, која сè уште важи за едно од омилените места за организиран училишен одмор, доаѓаат деца и млади и од регионот. Кочанчани се горди на соработката со местото Крижевци од Хрватска. Општина Кочани обезбедува зимување на најдобрите ученици од Крижевци на Пониква, а Општина Крижевци летување на ученици од Кочани на хрватскиот остров Паг.

Ако чистиот воздух, панорамската глетка, бујната вегетација, вкусната храна и добрите домаќини се она што го барате за вистински одмор и исклучување од секојдневните обврски, Пониква е местото за вас.

М.Џаровска
Фото: Вангел Тануровски 

Може да ве интересира:

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД СМОЛАРСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Магија во која се вљубувате на прв поглед
(ФОТО ГАЛЕРИЈА ОД КОЗЈАК) Убавините на Македонија: Идеално место за романтични прослави и за инстаграмџии
(ФОТО ГАЛЕРИЈА ОД КУКЛИЦА) Убавините на Македонија: Куклите скаменети од неостварена љубов, станаа туристичка атракција

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КОЛЕШИНСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Шумски рај меѓу папрати

ГАЛЕРИЈА ОД ПОНИКВА: