(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КОЛЕШИНСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Шумски рај меѓу папрати
Меѓу струмичани, како останата традиција од постаро време, сè уште постои поделба, едните велат дека е поубав Смоларскиот водопад, за други пак незаменливи се Колешинските водопади. Нашата денешна приказна е за местото кое се смета за украс на селото Колешино, неговите водопади.
Колешино
има прекрасна локација, се наоѓа во подножјето на планината Беласица, на само
дваесетина километри од Струмица.
Магична е глетката на сплавовите, создадени од реката Баба, кои се спуштаат од планинските врвови. Колешнискиот водопад е најпознатиот од нив, и е најголемата гордост на селото.
Највисокиот од сите водопади има височина од
19 метри, и широчина на падот од шест метри. Доста е помал од Смоларскиот, но
за разлика од него, највискиот Колешински водопад можете да го видите од
блиску, а Смоларскиот се набљудува само од платформа. На околу стотина метри од
Колешинскиот водопад, има уште неколку помали водопади кои се високи најмногу
до 4 метри. Природата како по некое правило, уникатно ги распоредила, во низа.
До водопадите ќе стасате лесно. Барем до делот каде што можете да го паркирате автомобилот. Ве пречекува панорамска глетка на Струмица и ресторан во кој можете да се одморите и да се освежите. Многумина ресторанот го оставаат за по посетата на водопадите, затоа што до нив има околу еден час пешачење.
Откако ќе го поминете центарот на Колешино, планинскиот
пат ве води низ шума која ја краси мал поток. Убавината на пешачењето, иако е
по угорница е што цело време одите покрај вода. Малиот дрвен мост кој ќе ве
пречека по патот е место каде што луѓето најчесто се фотографираат. Убавина на
целиот амбиент му даваат и речните ракови.
Водопадите се прекрасни во сите годишни времиња, но наша препорака е да ги посетите на потопло и суво време, затоа што патеката која води кон нив на некои места е лизгава. Патеката е тесна, но нема шанса да згрешите, секаде на патот има ознаки. Препорачливо е да се избегнуваат празници и продолжени викенди, Колешино за околината е едно од омилените места за излет, па знае да пречи големата фреквенција на луѓе и скарите кои се палат наоколу. И да наидете на такви излетници, брзо ќе ги заборавите, затоа што ве опива чистиот планински воздух.
Бучавата на водата ќе ви најави дека сте стасале до целта, Колешинскиот водопад и кристално чистата вода од реката Баба.
Не смее да се пропушти да се спомене и
кралскиот папрат кој во цела Македонија расте единствено овде, со височина и
до два метри. Папратот само ја дополнува целата магија на овој крај.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски
.
Можеби ќе ве интересира: