(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ГАЛИЧНИК) Убавините на Македонија: Кој израснал овде, тој станал човек

Добивај вести на Viber

Галичник, според многумина бисерот на Мијачкиот крај, според сликарот Нове Франговски дијамантот на Македонија.

Нашето денешно патување почнува во Маврово и продолжува 15 километри нагоре, во селото со надморска височина од 1.150 до 1.450 метри кое е прочуено по многу нешта. Галичката свадба годинава за жал не се одржа традиционално за Петровден, манифестацијата која е гордост на Галичник и вистинска туристичка атракција.

Атракција е самиот Галичник, по неговата фасцинатна архитектура. Амфитеатралниот терен нуди поглед на камени куќи, кои првично биле градени на две, а подоцна и на три катни висини.  

Секој што еднаш бил во Галичник, го посетил уште многу пати. Местото едноставно ве тера повторно и повторно да му се враќате. Никогаш доста од чистата и студена планинска вода, колку повеќе ја пиете, толку повеќе ви се пие.

Освен прошетката низ селото во летниот период, како што ние избравме, ќе ве ожеднат и традиционалното галичко овчо сирење и кашкавал. А со сирењето, оди и бакардан, а бакардан не оди без домашно кисело млеко. Оние кои ги поминувале летата кај своите баби и дедовци во овој крај, не ја забораваат суканата пита со домашно сирење. „Среќен е оној кој израснал во Галичник. Кој израснал во Галичник, тој станал човек“,ни раскажа еден скопјанец кој има галичко потекло и своја куќа во селото.

Уште една интересна традиција на Галичник е Овчарскиот натпревар или Овчарските средби кои се одржуваат на неколку дена пред Петровден. Натпреварот се состои од брзо стрижење и молзење на овци. Најубавиот дел потоа е дегустацијата на галичките сирења и нивно оценување.  Овие средби се одржуваат на бачилото Вардар.

Чистиот воздух и пријатната летна температура ве опива и како да не ви дава да си одите од ова магично место.  

Го напуштаме Галичник со надеж дека догодина ништо нема да нè спречи да направиме уште една убава фоторепортажа, од Галичката свадба. Патот повторно нè враќа накај Маврово, на уште некоја волшебна панорамска глетка.

М.Џаровска

Фото: Вангел Тануровски 

Може да ве интересира:

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД СМОЛАРСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Магија во која се вљубувате на прв поглед
(ФОТО ГАЛЕРИЈА ОД КОЗЈАК) Убавините на Македонија: Идеално место за романтични прослави и за инстаграмџии
(ФОТО ГАЛЕРИЈА ОД КУКЛИЦА) Убавините на Македонија: Куклите скаменети од неостварена љубов, станаа туристичка атракција