(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КРУШЕВО) Убавините на Македонија: За кафе и за локум секогаш има време

Добивај вести на Viber

Едно од местата во Македонија во кое на прв поглед ќе се вљубите е крушевското езеро. Не случајно од ова место, ја почнуваме нашата приказна за Крушево.

Првиот крушевски пливачки маратон кој се одржа минатиот викенд, а го носи името Тоше Прооеки, се одржа токму на езерото. И нашата музичка легенда, најубавите игри од своето детство ги поминал крај езерото. Мир и спокој е првото чувство кое ве обзема кога ќе го видите.

Убавината во прошетката низ градот на Бушава планина е што сè некако блиску, а од друга страна пак, има доста места во кои може да се ужива. Над езерото е Спомен куќата Тоше Проески, а неговото вечно почивалиште е спроти Спомен куќата, на Гумење. 

Качувајќи се по скалите нагоре ќе стасате до заштитниот знак на градот, споменикот Илинден или Македониумот, дело на вајарот Јордан Грабул и неговата сопруга, архитектката Искра Грабул. Ова место е една од најголемите атракции, уште откако за прв пат е откроен споменикот, на 2 август во 1974 година.

Откако ќе се изнауживате во глетката одозгора, од кај Македониум, некако е традиција да се појде на кафе или на ручек во крушевската чаршија. Некои кафенаџии воопшто не ве прашуваат што ќе јадете, директно го нудат крушевското топено сирење. Десертот ќе го најдете насекаде околу, познатиот крушевски локум се продава на повеќе места, а во дел од рестораните го служат и со кафе.

Вистинско богатство е прошетката до Манастирот Свето Преображение, кој се наоѓа на 5 километри од Крушево, на речиси 1.600 надморска височина. Возејќи или пешаќејќи по асвалтирана шумска патека, опиени од свежиот воздух ќе стасате до местото кое Тоше Проески го нарекуваше свој втор дом. Манастирот бил разрушен во XIX век, а возобновен во 1986 година. На 18 август во 2014 година, се исполни една голема елба на Тоше. 

На празникот Свето Преображение во манастирот кој тој со свои раце го градеше, е комплетиран иконостасот од бел мермер. Вториот дел на иконостасот се резбаше во Прилеп а  гравурите се направени според цртежите на таткото на Тоше, Никола.

За планинмските велосипедисти, овој манастир е преодна точка, но и за планинарите кои се качуваат на највисокиот врв на Бушева планина, Мусица.

Имавме среќа што во Крушево бевме за време на настанот When in Krusevo, десетдевната авантура која која вклучуваше планинарење, трчање, адреналински параглајдинг и јавање коњи. Настанот на градот кој инаку мирен и идеален за одмор, му даде поголема живост и раздвиженост.

Крушевските домаќини со задоволство пречекуваат гости во текот на целата година. Немојте да се зачудите ако случаен минувач, кој воопшто не го познавате ве покани на кафе. Ако им речете дека се брзате или немате време, стари крушевчани мудро ќе ви одговорат: За кафе и за локум секогаш има време.

На споменикот Мечкин камен, едно од омилените излетнички места на крушевчани кој е изграден во чест на Крушевската република, заминавме на кратко, на крајот од нашата посета на Крушево. Мечкин камен една од причините повторно да се вратиме во градот на 12-те познати маала: Влашко,  Таше, Струнга, Буша, Арбинеш, Коку, Мијачко Маало, Горно Маало, Крстот, Матак, Череш и Ѓупско Маало, секое на свој начин гордост на Крушево.

М.Џаровска

Фото: Вангел Тануровски

Можеби ќе ве интересира и:

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ГАЛИЧНИК) Убавините на Македонија: Кој израснал овде, тој станал човек

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ВОДОПАДОТ ДУФ) Убавините на Македонија: Магија сокриена зад карпи

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ПОНИКВА) Убавините на Македонија: Опоен мирис на бука и галантни домаќини

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД КОЛЕШИНСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Шумски рај меѓу папрати

(ФОТОГАЛЕРИЈА ОД СМОЛАРСКИ ВОДОПАД) Убавините на Македонија: Магија во која се вљубувате на прв поглед