Ана Бунтеска: Аздис фативме
Аздис фативме ко болест да е
Еден од друг се заразивме
Од алчност
Синкир в гроб парата ќе ни се најди
Од горделивост
Ко божем в ковчег ордени ќе ни редат
Од немање милост
Ко да тешка пара чини чоештината
Од мисла лоша
Чунки лек е, а не отров
Аздиз фативме
Сите, еден по еден аздисавме
Ко чума да стасала
Ко црна чума да не’ навјасала
Та шетаме ко луѓе-нелуѓе
Однадвор убај
Чиниш сета убост на светов
Во ликовите ни се збрала
Се шепуриме оти стројни сме
Оти и од пиле млеко имаме
А за капка љубов страдни сме
Се фалиме со полните трпези
И стомаците во кои храната ни гние
Дур гладни за топлина
Цревата од бол ни вијат
Многу аздисавме
Толку многу што страв ме фаќа
Како ли земјава пуста не’ крепи
И како совеста не не’ удави досега
Ама ете
Невремињата за нелуѓе се создадени
Дур нешто не се случи
А не знам што
Дур некој ден нешто не пукне во нас
А не знам кога
Дур не се удавиме во сопствената горчина
А не знам како
Само знам оти аздис во секој од нас има
Од несреќа
Од мака
Од крпен живот
Од распарани сништа
Од клетви
Од судбини
Дур еден ден не не’ снема
Токму така, како со магија
Како со некоја ѓурултија
За на наше место луѓе саглам да дојдат
И нов живот заживеат
Во време кое никојпат невреме не ќе се стори