Битка за авторски права, ограбен дом и неисполнета желба: Две години без Есма

Добивај вести на Viber

На денешен ден пред две години, по кратко и тешко боледување, почина кралицата на ромската песна Есма Реџепова-Теодосиевска. Две години по смртта на нашата легендарна пејачка, кантавтор и хуманитарец, правната битка за нејзиното творештво продолжува. Музичките дела на Есма која уживаше интернационална слава и имаше соработка со реномирани светски издавачки куќи сѐ уште носат профит, но никој нема увид во наплатените надоместоци според кои се врши пресметка и исплата на авторските хонорари.

- Како тестаментален наследник на авторските права не можам да одам во ЗАМП (Здружение за заштита на авторски музички права) и да побарам увид колку, условно кажано, Есма заработила постхумно, бидејќи тестаментот не е правосилен. Во тек е судски спор со фамилијата Реџепови, нејзини внуци од браќа и сестри кои го оспоруваат документот - ни објасни неодамна Симеон Атанасов, едно од 47-те деца кои кралицата на ромската песна ги одгледа.

Атанасов ни раскажа дека во тестаментот недвосмислено стои неговото име како носител на сите авторски права од нејзината и од музиката на Стево Теодосиевски. Токму тој го предводи и составот „Есма’с бенд“ кој продолжи да го негува делото на покојната пејачка.

Претседателката на хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“, Зорана Костовска, откри дека е направен попис на предметите затекнати во објектот на кој присуствувале претставници од сите релевантни институции. Во март годинава во медиумите одекна веста дека домот е ограбен. Костовска тогаш не сакаше да го коментира однесувањето на блиски членови на семејството на Есма кои наводно незаконски извршиле упад во куќата, но подоцна прстот го впери токму кон нив.

- Нотарката Ивана Катавеновска умре во ист ден со Есма, во истата болница. Кај неа беше заверен тестаментот. Поради тогашните институционални лавиринти помина подолго време до пломбирањето на објектот и штетата веќе беше направена - ни изјави таа.

Зорана е уверена дека во иднина достоинствено ќе се негува ликот и делото на Реџепова. Веќе е покрената иницијатива една скопска улица да го носи нејзиното име.

Костовска која важеше за една од најблиските соработнички на Есма пред неколку месеци ексклузивно за читателите на „Женски Магазин“ зборуваше за последните часови пред смртта на пејачката која почина на 11 декември 2016 година.

- Бев покрај неа во болничката соба до два навечер. Лекарите имаа разбирање. Пиевме кафе и гледавме спотови. Имаше желба да живее - ни откри Костовска.

Не ни помислувала дека тоа ќе биде нивното последно видување. Никогаш нема да го заборави разговорот во деновите кога Есма била хоспитализирана кој, како што вели, сѐ уште ја прогонува.

- Држејќи ме за рака ми ја кажа нејзината последна желба. „Закопајте ме во дворот на куќата. Кога ќе доаѓаат да го видат, ќе ми запалат свеќа. Кој ќе оди на гробишта да го прави тоа.“ И ветив дека така ќе биде и ја излажав. Не мислев дека по неколку дена засекогаш ќе нѐ напушти. Тоа никогаш нема да си го простам - ни раскажа таа.

Ѓорге Стојанов