Братот на Поп-Ацев тврди: Евгениј намерно не е пријавен на Европското првенство во Глазгов

Добивај вести на Viber

Благодарејќи на пливачката федерација на Македонија на чело со Александар Маленко и селекторот за маратонско пливање Томи Стефановски, Евгениј намерно не е пријавен на Европското првенство во пливање кое моментално се одржува во Глазгов, обвинува Дарко Поп-Ацев, братот на нашиот олимписки стипендист и потенцијален кандидат за Летните олимписки игри во Токио на делницата од 10 километри.

Евгениј и Дарко Поп-Ацеви

Дарко Поп-Ацев на својот профил на „фејсбук“ пишува дека и покрај уредно испливаната норма поставена од пливачката федерација на Македонија на почетокот на годината, Евгениј не отпатувал на првенството.

- Евгениј утре требаше да настапи, а до вчера секој ден веќе месец дена беше избегнуван од дотичните во врска со информациите за неговиот настап. „Пријавен си, чекаме карта да ти купиме, за смештај бараме, имам договорено со амбасадорот да се видам за виза“ и ред други смешни изговори имаше со цел да купат ден за ден сѐ до вчера кога излегоа стартните листи, а името на Евгениј го немаше меѓу нив. Претседателот Маленко на крај кога сѐ стана јасно како ден дека намерно не го пријавил, се дрзна да ја лаже јавноста како Евгениј нема норма, некоја си норма поставена од Европската пливачка федерација.. Таква норма не постои, туку пливачките федерации на самите држави поставуваат норми со цел да се одбере најдобриот претставник. Единствено што Европската федерација лимитира е максимален број на пливачи по дисциплина од една држава да е три! Нормата поставена од самите Маленко и Стефановски, Евгениј ја исполни на маратонот Санта Фе во Аргентина уште на 4.02.2018. Ова е само продолжение на лагите и проблемите кои му ги правеа каде што повторно не го пријавуваа, а лажеа дека е пријавен на трките од светскиот куп во Канада (за ова сѐ има докази на разговорите и мејловите). Следно е да не го пуштат да плива на Охридски за да нема пласман во генералниот поредок. Сигурно и за тоа ќе најдат некој изговор, дека бил деснак можеби.. Сакате спорт во државава? Каков спорт со вакви ликови, преваранти! Итно ова мора да се разреши, зошто момчето тренира деноноќно за тоа Европско и Светско првенство, а некој си игра мајтап. Има ли некој во државава, некој претпоставен? Функционира ли нешто овде во оваа Недојдија – прашува на крај Дарко Поп-Ацев.

Според претходните најави, Евгениј Поп-Ацев требаше да биде единствениот македонски претставник на претстојното Европско првенство во пливање кое што од 3. до 12. август се одржува во Глазгов, на трките на отворени води на 10 и на 25 километри.