Чек да брцнам во ташнава: Нејзиното Височество Америка

Добивај вести на Viber

Америка, Америка, Америка… 

И уште сто пати Америка. 

Мислам дека нема ден да помине, а безмалку секој еден човек на Планетава да не ја спомне Америка во некаков си контекст. Кој како ветена земја, кој како светски полицаец, кој како причинител на сите и „недаќи“ и „даќи“ во светов, кој како главен виновник за многу секојдневни приказни, кој како најубаво место за живеење, кој како ако еднаш отидеш, ќе се вљубиш веднаш, кој нит ја сакам, нит планирам да одам, кој како детето ми студира таму, кој како цела фамилија ми е таму… Абе секако. Нема вести, нема емисија, портал, нема документарец, игран филм, цртан филм, серија, книга, кај што ја нема Америка. Нејзината популарност е рамна на светски блокбастер. 

Нејзиното влијание е присутно на сите страни. Кај и да се заврти човек ја гледа Америка. Нејзиното знаме го ставаат во своите држави канцеларии дури и земји кои немаат речиси никаква врска со Америка. Ама ете така го ставаат. Бидејќи тоа веднаш значи моќ, влијание…, или значи додворување за секој случај. На приеми кога се оди американската амбасадорка ја има најважната позиција во однос на сите други. Вести кога гледаме, американсите претставници секогаш ги имаат челните места и позиции. Другиве претседатели кога се поздравуваат со “Американецот“, од авион им се гледа тремата и трепетот. Ај тоа, сите сакаат покрај него да застанат за сликање, синкир тој, тие се. Демек, ете баш мене ме одбра да застанам до него. Децава уште од прва година средно само за тоа зборат. Да аплицираме за Америка. Стипендија, не стипендија, не е важно, само да се отиде за Америка. Ако треба и камион ќе се вози, ама Америка е Америка. А запука негде, прво нивните граѓани се на листата за спасување. Сегде во светот, околу нивните амбасади пиле не смее да прелета. Не знам како, ама ете така некако ја наметнаа таа своја позиција, нивната улога за сè нешто во светот да биде главна. Што со филмови, што со музика, спорт…

И тука некаде за мене отприлика завршуваат темите за кои јас би им симнала капа. А многу повеќе е ова другово. Пари, „алаш вериш“, моќ, оружје, војска, војни, нафта, политика… Ако ти се намерачат, ти нема спас. Ќе ти земат све и уште химната ќе треба да им ја пееш. Јебига. Им успеа. Ја до сега не сум имала прилика, за некаква си блиска средба со оваа земја. Еднаш на еден прием, се запознав со амбасадорката и тоа чувство го имав. Дека таа очекува од секој кој што се поздравува со неа да го види токму тоа, една симпатична покорност. Зошто симпатична!? Бидејќи таа не би било фино да се почувствува непријатно од претерана покорност. Таа може и да се зеза со тебе, ама многу добро знае дека ти нема да отидеш подалеку од цртата која таа ја поставува. Значи, не сум била у Америка. Син ми беше и се врати. Мислеше дека таму Мајкл Џордан ќе го пречека, ама не било баш така. Елем. Најблиску до амбасадата кај нас сум била само тогаш. Кога го возев него на термин за виза. Се паркирав пред амбасадата и си мислев тука да го почекам. Аха, очеш! Одма искочи тој од куќичката и ми објасни дека на сто метра од лево и од десно не смеам да се паркирам. Извртив едно пет-шест крукчиња, додека заврши детево, оти ни телефони не функционираат во тој радиус. Оттогаш поминаа пет години. Пред некој ден, отидов да вадам виза за себе. Конечно ги отворија своите порти, откако после две, или три години неработење поради ковидот, шансите да припирисаш до таму беа “зеро“. Како кока-кола зеро, на која исто така не и верувам. „Жими мајка зеро“. Во животов имам две чаши кока кола испиено, за нова година со руска салата и пола Мек Доналдс изедено. Еднаш исто така купив и пуканки за во „Синеплекс“, ама откако видов колку тоа „звучно се шмата“, додека е мртва тишина во салава, се откажав од јадење, а кога излегов од филмот веќе беа ладни и некако слепени, па не беа за јадење. 

Значи сè на сè, имам некој чуден став спрема Америка. Не сум за, ама не сум ни против. „Малечка“ сум јас и не доволно заинтересирана за да знам што тоа точно се случило помеѓу Каубојците и Индијанците. И дали сите ние сè уште сме Индијанци, а тие и понатака се Каубојци. Него визава ми е тема. Станувам сабајлето и почнувам да се спремам. Пијам кафе, се шминкам, слушам музика… Сè исто, како и секое сабајле. Туку наеднаш некое нелагодно чувство почна да ми се приближува. Нешто како трема. Тремата била секогаш составен дел од мојата работа, па многу добро ја познавам оваа моја „сопатничка“. Особено трема пред значајни интервјуа. И сега требаше да одам на интервју. Но зошто трема!?, си велам. Ќе ви раскажам во следната приказна, што и како ми се случи и како си поминав во нејзиното Величество Американска Амбасада, една од највисоите и најстратешките точки во мојот роден град. Да ја земам прво визата. Иако си мислам дека тие можеби веќе и знаат дека јас ова го пишувам, па нема да ми ја дадат.

To be continued...

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: