Чек да брцнам во ташнава: Како добив виза за Америка
Не, не се чувствував исто како, кога пред „сто илјади“ години, стоев и чекав ред за виза пред Грчка амбасада. Kарши Ани и Бони. Не беше исто.
Тогаш кога ко „морлоци“ стоевме пред амбасада, додека дел од вработените Грци во амбасадата, трчкаа натаму-наваму со кафињата од Ани. Кафиња кои беа доведени до совршенство, во нивна чест секако. Знаеме ние Македонците така да си го продаваме достоинството. За шаку долара.
Просто како на обука да беа пратени шанкерите, за кафево да биде исто како сабајлево од Тесалоники да е донесено.
„Ена фрапе ме гала метрио“, ќе викнеше Јорго, или Коста, или кој и да е еди кој си Тасо, Јани, Васили…. кој ги менуваа на неколку години, што пак не им пречеше да научат одма да ни се „курчат“, тука, мафтајќи ни со рацете дека треба да се наместиме еден позади друг. Кој како ќе дојдеше од оваа грчка екипа на чело со Конзулот, иста шема. Кафе-фрапе, некои смешни црни кондури, фармерки, кошулка, црни наочари и многу гел на глава. Многу сакаа да личат ко да се излезени од некој мафијашки-италијански филм. А пола, да не речам сите беа „наши“ од Лерин, од Костур.
После некое време се смилуваа, па ни ставија и некоја настрешница, за да не не врне дожд и снег додека простум и ничкум си чекаме да ни дадат „пусулче“, со печат, со кое ќе можеме да поминеме на Евзони.
Да поминеме за да им оставиме едно два-три бона таму.
НЕ, нема да го заборавам ова чувство, ем се срамиш, што дремеш таму ко идиот, ем се правиш важен, особено кога ќе дојдеш помеѓу првите два-тројца, пред капија, оти тоа значи дека со следната тура ти влагаш и ја зимаш визава.
А кога ќе ја земеш визава, ко мислиш и петсто марки заедно со неа ти дале. Жив среќен дека, ќе им одиш таму да им ги остајш сите пари заштедени од цела година и плус ќе стрепиш колава да не си ја најдеш на враќање без тркала. Ама најмногу жив среќен дека и овој пат ја помина голготата. Се пресрами, се кандиса, издржа, ти се преврте два-три пати желудникот, испооцу сè живо и диво и Фиром и Асном и Тито и што треба и што не треба ама „лапна“ виза.
Правац Солун и Халкидики.
Си мислам до ден денес да беше ова вака, ние уште ќе си чекавме и ќе си врвевме. Гарант.
Е сега, не исто вака, ама слично се осетив некни спремајќи се да тргнам на интервјуво за Америчка виза.
Не исто бидејќи тогаш имав дваесет години, а сега имам педесет. Различно е. Све је лако кад си млад, лакше кречеш леѓа среќи, баш те брига с ким чеш лечи… И тако даље. На педесет, баш и не ти е сеедно с ким чеш лечи.
Значи се шминкам, се облакам и глеам некоја нелагодна трема ми го обвиткува телово. Еј мајку му си викам. Што е ова.
Нит ми е зорт-зааман. Нит морам да идам. Нит нешто у несвест паѓам.
Работава е „ај да извадам виза“, оти девер ми живее цел живот таму, па ете ако дојде прилика да се отиде, да се има визава.
Значи не е „таткова глава“ работава. Можам и да идам и да не идам.
Оти ај да морам, па стрепиш, ќе ти дадат, или не, ама вака си викам шо туку трепериш ко пиле.
Нејсе. Стигам таму, пред амбасадава. Другарка ми ме остава со кола на сто метри и се договараме ко Тихи и Прле, дека кога ќе искочам ако не е под ова дрво, ќе биде под она другото - таму кај кривината, ако и од таму ја избркаат ќе биде на пластичаска, вториот дуќан од десно. Се договараме, бидејќи и мобилниве не функционираат во радиус од 50-100 метри.
Се приближувам кон портиве и на пет метри од вратата излага полицаец вооружен „до заби“.
Викам за виза сум.
Вика знам.
Де бе викам не скенирате ли 24часа однапред па ви се појавува нашиов лик на монитор, уште пред да стасаме.
Не, вика, ве познав од телевизија.
Си мислам што има врска тоа, ама веќе доволно сум збунета, па си преќутувам за ептен да не лупам глупости.
Ми отвара врата и влагам во просторија со скенер ко на аеродром.
Ми вика „оооо, ќе патуваме, ќе сонуваме“!
Си мислам овие сите по ред ме дриблаат.
Промумлувам нешто типа „не, немаат аранжмани за Америка. Тие Анталија, Египет, Израел, Јордан…“ Му се правдам и му објаснувам чиниш на приемен испит сум, па дома ќе ме згрбаат ако не положам.
Ми вика : - Добра сте?!
Викам: - Добра, добра, да… И монтирам една од оние насмевки „кец у рукав“, за да не ме познае дека не сум.
Се срамам дека имам трема. А имам.
Абе вика „овде коа ќе дојдат луѓе капка крв немаат“. Не знам зошто е тоа така, ама сите се некако пребледени. Се обидува ноншалатно да воспостави поблизок контакт со мене, бидејќи пак јас сум за него лице од екранот.
Си викам, добро е значи не сум само јас, ама пак од друга страна ми се иде да се свртам и да си отидам, во знак на протест, што мораме сите ние така да се чувствуваме. Нешто како морален чин во името на Македонија. Ама не го правам тоа.
Стојам ко на кондуриве позитивен магнетен ѓон да имам, а подов е исто така во плус сиот магнетизиран. Абе да се чудиш.
Почна да ми чепка во ташнава, ко никој до сега што не се усудил.
И на мајка ми кога ќе ѝ речам „подај ми ги цигарите од џепчето“, па цела ташна ми ја подава. Не ми брцка внатре.
Вади и прегледува сè што му се чини сомнително. Табакерата, несесерот, новчаникот. Како тој превртува, така мене умот ми се превртува.
Наеднаш изговарам нешто што не знам од кој мал мозок ми искача. Викам „бомбите на мене се залепени, џабе гледаш таму“.
Ме погледнува со таква иронично-саркастична насмевка, ко татко ми кога ќе му речев дека чашата сама паднала од масата и се скршила.
Вика ти си паметна жена и знаеш дека овде ние до бубрег сме испитани. И до седмо колено.
Толку беше од мојот духовит курч.
Вика „горе по патеката првата врата, влезете и почекајте да ве викнат за визата“.
Влагам внатре. Седат околу дваесет души, ко на сите во исто време да им умрел некој.
Седнувам и јас, кај што најдов слободно место.
Директно очи во очи со еден бричен, коцаст лик. Со панцир е и два пиштола. А очите му цаклат. Ми продре со очиве до утроба како со куршум. Аууу си велам, абе ти бар наш си, имај милост.
После две три минути, откако ми се смири дишењето почнав да набљудувам што сè случува околу мене.
На два шалтера, заштитен со „еден метар“ дебело стакло, преку микрофон те испрашујат.
На првиот си „ко за мајтап“, бидејќи тој не донесува одлука, туку само ги збира документите и те прашува тоа што него ич не го интресира.
Од кај си, кај живееш, зошто одиш во Америка и дрн, дрн…
Го гледам и си викам „знам дека и тебе ти е и досадно и сосем неинтересно да го правиш ова, бидејќи и ти знаеш ко што знам јас, дека визата е веќе или одобрена, или неодобрена“.
Од аплицирањето до овој момент поминати се месец дена. За месец дена, тие знаат и кои „ѕивани“ ги крадевме деца кога бевме.
На другиот шалтер, една косоока те допрашуе. Таа е поозбилна. И знае македонски, ко што ја знам кинески.
Три збора повеќе ако и кажеш, доаѓа друг да допреведе.
Откако после еден час седење, како на погреб, дојде и мојот ред.
Првиот како „робот машина“, - „зошто, како, што“, ги собра документиве и и ги оденесе на косооката.
Се обидов малку да ја развеселам атмосферата бидејки „ми текна“ дека визава е веќе готова и воопшто не зависи тука од нив, па на прашањето што работите и дадов визиткарта од „Сончевина“- мојата цвеќарница и ѝ реков дека утре во 17 часот на „Канал 5“ оди второто продолжение од мојата емисија.
Се насмевна скришно и ми рече дека визата ми е одобрена, ми го зема пасошот и ми рече дека ДХЛ, ќе ме контактира за два-три дена, да одам и да си ја подигнам.
Не знам дали некој го направил тоа, ама кога ќе отидам во Америка, ќе им пратам една разгледница од таму. Ко у стара добра времена. Мајку вам вашу пролетерску.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: